Ретроспективна изложба на Боро Митриќески во Даут пашин амам

Вечерва,  (понеделник, 30 мај 2011 година), со почеток во 19:00 часот во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам, ќе се отвори ретроспективната изложба на доајенот на македонската современа скулптура, академик Боро Митриќески.

Со оваа изложба уште еднаш ќе се апострофира потврденото значење, улогата и позицијата на овој еминентен уметник во формирањето на ликот на македонската современа скулптура.

Академик Митриќески (1927) прославува 60 години творештво, а неговиот придонес во формирањето на правецот на движење и модернизацијата на македонската современа пластика, како и неговиот придонес во монументалната споменична скулптура е од несомнено значење за уметноста и културата на македонко тло.

Поставеноста на самата изложба во објектот Даут-пашин амам, галериски простор со голема репутација, гарантира огромна посетеност на отворањето и за времетраењето на истата.

За времетраењето на оваа изложба (30 мај-30 август 2011 година) Националната галерија на Македонија ќе издаде и луксузна монографија посветена на животот и делото на овој еминентен уметник која ќе биде разубавена со богат илустративен материјал. Монографијата ќе се публикува пред затворањето на изложбата.

You May Also Like