Викендов „Културна Метаморфоза” во Свети Николе

Културна манифестација „Културна Метаморфоза” во чест на празникот Летен Свети Никола се одржа викендов (21.05.2011) во Свети Николе. Настанот се одржа во градскиот парк , со почеток во 10 часот наутро и траеше се до полноќ.

Организаторите се погрижија за одличната програма која ќе го задржи вниманието на присутните: работилница со деца од основните училишта во Свети Николе, изработка на графити од локални млади уметници, модерен балет, изложба на уметнички дела од страна на младите уметници Димитар Стојанов, Павлина Спасова, Димитар Лазов, Петар Лазаров и Влатко Златков од Факултетот за ликовни уметности Скопје.

cOoLTuRa.mk:
Кажи ми за што всушност станува збор…односно подетално да го објасниш настанов?

Никола:
Ова е Културна Метаморфоза, настан кој што се случува прв пат овде во Свети Николе. Имавме изложба на многу слики, графики, скулптури од локални млади уметници, врвни академци и аматери, како и од неколку постари кои што работат на пејзажи на природни убавини од Овчеполието, како на пример Ѓаволски Ѕид, Ѓуриште, Орел, Вила Зора. Се на се настанов е веќе во траење пет и пол – шест саати. Сега започнуваме со музика од Игор Станоевски бендот од Скопје.

cOoLTuRa.mk:
Освен изложбата на слики и настапот на Игор Станоевски бенд, што останато ќе се случува овде во Градскиот парк во Свети Николе?

Никола :
Дечките од Игор Станоевски бенд ќе свират во наредните 2 саати , а тука иде цела палета на рок, џез, блуз, па на моменти и психоделичен рок. Веднаш потоа следуваат младите девојки од Take that кои ќе ја забавуваат публиката со модерни хип хоп танци од Свети Николе, настап во живо на младиот хип хоп артист Пикси со поддршка од Тања Б и останатите од неговата Авторизација Рекордс. Сето тоа тоа ќе трае два-три часа и вечер продолжуваме со електронска музика се до полноќ.

cOoLTuRa.mk: Кои се организаторите на овој настан ?

Никола : Целата иницијатива беше моја, како претседател на комисијата за економија на УМС на ВМРО ДПМНЕ , наместо да правиме нешто што ќе чини многу пари подобро да го покажеме она што го има Свети Николе, да ја покажеме културата, талентот преку еден ваков настан. Бевме многу добро примени и поддржани од страна на локалната самоуправа како и од повеќето локални стопанственици кои што ни помогнаа за овој настан.

cOoLTuRa.mk:
Подготовките и реализацијата на овој настан беа во последен момент, односно последните 2-3 дена. Како успеавте да го реализирате сето ова за толку краток временски рок и дали наидовте на некои потешкотии?

Никола : Тешко и лесно е огледалото кое е најчесто превртено. Ништо не е тешко ако се прави со љубов и со милост, ако се прави за добро и убаво . Идејава беше од поодамна, не излезе комплетно како што планиравме да излезе , но сепак во три дена успеавме да ги собереме младите уметници, да ги претставиме нивните дела, да ги организираме бендовите и групите кои што ќе настапат. Тешко не беше, баш напротив беше убаво и сеуште е убаво. За многу години Летен Свети Никола, тоа е утре – празник на градот по кој повод и го организираме сето ова. Среќни сме што е убаво времето, небото е чисто и има сонце и е баш убаво се овде.

cOoLTuRa.mk:
Колку луѓето го прифатија ова што вие го организиравте, дали имаше посетеност бидејќи ова пред се е наменето за младите?

Никола :
Слободно можам да кажам дека имаше околу сто дечиња кои што цртаа на огромни платна, на хамери. Најважно ми е што душата ми е исполнета. Најмалите деца, најмладите генерации дојдоа и беа во парк цел ден и видоа дека градскиот парк во Свети Николе е убаво место. Посетеноста од најмладите беше повеќе од очекуваното, а оној дел на луѓе од 18 до 28 години се тука и од она што можам да го видам и почувствувам – се задоволни од она што се случува овде, дури и се радуваат. Видов насмевки на многу лица денес, а ќе гледам уште многу насмевки до вечер. Дури и повозрасните и оние највозрасните се радуваат на ова, па дај боже да се случи пак и да прерасне во традиција.

cOoLTuRa.mk: Што со оние слики кои се изложени во паркот. Дали се наменети и за купување и дали некој веќе купи некоја од тие уметнички дела?

Никола :
Колку што јас знам до сега се продадени повеќе дела од различните уметници, но сепак ова не беше наменето за продажба туку еден вид на презентација . Од самата фасцинација од работата на младите луѓе, дел од локалната самоуправа, дел од граѓаните на Свети Николе знам дека купија некои дела . Што ќе биде наредно , ќе направиме еден каталог за да може цела Македонија, цел свет да види со какви таленти располага Свети Николе.

cOoLTuRa.mk: Дали веќе имате некои идеи за во иднина. Што следно да очекуваме како културна манифестација во брзо време?

Никола : Да не зборувам пред време, пак ќе речам ако небото дозволи, вакви настани треба да се случуваат барем еднаш месечно секој месец во Свети Николе. Не зборувам само за уметност од типот слики, графики, скулптури, туку музика, многу филмови, повеќе настани кои што пак ќе повторам ќе им даваат на младите жарче љубов да видат и да почувствуваат дека Свети Николе има луѓе кои што сакаат и можат да направат овде да е убаво.

cOoLTuRa.mk: Никола јас ти благодарам за одвоеното време. Се надевам дека во скоро време се гледаме на некој следен настан.

Никола : Благодарам и на вашето присуство овде. Сето ова ми значи, не како личност туку и како граѓанин на Свети Николе, затоа што сепак дојдовте да го поддржите овој настан и медиумски да го покриете. Се гледаме и дружиме на следен настан, а до тогаш читателите може да уживаат во уметничките дела кои ние ги прикажавме преку документираните фотографии.

Автор: Христина Панева

You May Also Like