Од снимањето на „Балканот не е мртов“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера (28 мај 2011 година), ја посети екипата која од 24 мај во две хали на Скопскиот саем, кои се адаптирани во студија, започна да го снима филмот „Балканот не е мртов“, по текст на Дејан Дуковски и во режија на Александар Поповски.

Канческа-Милевска, посакувајќи успешен филм, истакна дека се надева дека Република Македонија ќе добие уште едно филмско остварување кое ќе биде гордо прикажувано не само пред домашната публика, туку и пред светската јавност. Министерката за култура подвлече дека вложувањата во филмската дејност и натаму остануваат приоритет, а најави изградба на филмско студио кое значително ќе ја олесни работата на домашните и на странските филмски екипи кои во иднина ќе сакаат да снимаат во Република Македонија.

Приказната за љубовта меѓу Кемал Ататурк и Елени Каринте, која е позната во сценска форма, исто така во режија на Поповски и првпат изведена во МНТ во 2001, ќе биде филмувана во продукција на „Кино око“ од Македонија во партнерство со продуцентски куќи од Србија, Хрватска и Словенија.

Вкупниот буџет на филмот „Балканот не е мртов“ е 1.250.000 евра, од кои 47.820.000 денари (или 775.000 евра, односно 62 проценти) се обезбедени од буџетот на Министерството за култура.

Сценариото на филмот е базирано на драмскиот текст на Дејан Дуковски, кој е сценарист заедно со Поповски и со Ана Ласиќ од Србија. Директор на фотографијата е Дејан Димески, дизајнер на продукцијата е Свен Јонке, а композитор на музиката Кирил Џајковски. Главните улоги во филмот ги толкуваат: Никола Ристановски, Драгана Костадиновска, Наташа Тапушковиќ-Шолак, а играат и Раде Шербеџија, Благој Веселинов, Никола Ацески, Ертан Шабан, Сузан Акбелге и Сашка Димитровска.

You May Also Like