Финалните подготовки пред отворањето на изложбата, ПРОФЕСОРИ+СТУДЕНТИ се во тек. Организацијата и концепцијата на изложбата е во рацете на М-р Страхил Петровски.
Тој е визуелен уметник, вработен во Музејот на македонската борба како советник конзерватор за метал и дрво и професор на Европскиот универзитет.
Изложбата е закажана за среда, 20 мај, во 20 часот, во Младински Културен Центар, Скопје.
„Изложбата Професори и студенти може да се разбере како мапирање на една сложена образовна екологија, во која различни генерации, медиуми и методологии истовремено коегзистираат, се судираат и се трансформираат. Таа отвора простор за размислување за тоа што денес значи да се учи уметност, но и што значи да се подучува во време кога знаењето повеќе не е централизирано, кога сликите циркулираат побрзо од кога било и кога современиот автор истовремено се движи низ физички, дигитални, теориски и социјални простори.
Уметничкото образование никогаш не било само простор на техничко усовршување, туку средина во која се формирале нови начини на гледање, размислување и разбирање на светот. Најзначајните поместувања во историјата на уметноста често произлегувале токму од средини во кои педагошкиот процес не се темелел врз репродукција на постојните модели, туку врз поттикнување експеримент, истражување и интелектуална автономија. Во таа смисла, односот помеѓу професорот и студентот не треба да се разбира како едноставен пренос на знаење, туку како динамична структура во која истовремено се пренесуваат методологии, критички позиции, сомнежи и можности за трансформација…“
.
Извадок од текстот за каталогот ПРОФЕСОРИ + СТУДЕНТИ, 2026
Д-р Ана Франговска,историчар на уметноста







