Македонската култура пред светот не треба да се претставува како куриозитет од минатото, туку како жива, пулсирачка вредност. Ако успееме да го промениме моделот на управување, од чувари на магацини и депоа, во менаџерирање на искуства на посетителите – нашите музеи многу брзо ќе бидат со профит, наместо „на позитивна нула“ или со загуби.
Ако се тргне настрана веќе дежурниот балкански песимизам и патетичното констатирање на состојбите, Светскиот ден на музеите 18 мај – заслужува да биде погледнат низ една поинаква, строго прагматична диоптрија.
Наместо како на кустоси на сопствениот залез, добро е што почнуваме на нашите музејски институции да гледаме како на неискористен економски, културен и туристички капитал од прв ред. Македонија не страда од недостиг на историја и артефакти, таа страдаше низ годините од дефицит на менаџмент, но и визија за тоа кој знае тој суров материјал да го преточи во глобално препознатлив бренд.
Кога зборуваме за туризам, тука за многумина сè уште владее онаа маалска логика дека на странецот му е доволно да му понудиш жолта ракија, шопска салата и малку езерски или планински воздух. Тоа е банализација на потенцијалот. Современиот турист не патува за да јаде, тој патува за да доживее приказна. А каде е приказната, ако не во музеите?
Музеите се нашите лични карти пред меѓународната јавност. Тие се доказот дека на оваа ветровита балканска раскрсница не никнавме вчера со некаков политички декрет, туку дека тука со векови се таложела култура и цивилизација.
Имаме еден неверојатен парадокс: располагаме со културни слоеви кои се движат од праисторијата, преку антиката и византискиот блесок, па сè до современиот модернизам, а истовремено генерираме туристички производ кој едвај ги надминува рамките на транзитен туризам. Дојде време за стратешки пресврт, кој почнува да се назира.
Каде лежи неискористениот потенцијал? Успехот на современиот музеј во светот повеќе не се мери со бројот на експонати зад стаклото, туку со способноста да се креира едно пазарно атрактивно доживување. Македонија ја има клучната предност – автентичност на мала географска дистанца.
Дигитализација и виртуелна нарација: Потенцијалот за раст лежи во трансформацијата на класичната поставка во интерактивна приказна. Странскиот турист во Битола, Скопје, Крушево или Охрид не сака само да гледа во ископини; тој сака преку технологија за зголемена реалност (AR – Augmented Reality м.з.) да го види живиот пулс на Хераклеја, Стоби, Скупи или Самоиловата тврдина. Тоа е пазарен сегмент кој привлекува млада, високоплатежна публика.
Македонската култура има наратив кој може да го зашемети светот: од неолитските фигури на Големата Мајка, преку античките мозаици на Стоби и Хераклеја, па сè до револуционерниот занес и современиот крик на уметноста. А тој наратив треба да знае да се раскаже.
Музејски мрежи како туристички рути: Наместо институции кои функционираат како посебни острови, вистинската перспектива е во креирањето на интегрирани културни рути. Проектот на поврзување на Музејот на современата уметност во Скопје (како светски уникатен споменик на солидарноста), Археолошкиот музеј или Музејот на Македонија, заедно со локалните музеи во внатрешноста, создава заокружена приказна што може да се продаде на европските и светски тур-оператори.
Културен дипломатија и економски бенефит: Нашите музеи мора да излезат од комфорната зона на строго буџетски корисници и да станат агресивни промотори во странство. Гостувачките изложби на македонското теркотно и иконско богатство во светските метрополи не се само културен престиж – тие се најевтината, а најефективната маркетинг кампања за привлекување на странски инвестиции и високопрофилен туризам. Нашите носии, фолклорот, покуќнината, илјадниците етнолошки предмети, нашите приказни и обичаи, се е доа дел од колажот кој мора да го презентираме пред светот.
Тоа што имаме пет културно информативни центри во балканските центари, во Белград, Загреб, Тирана, Софија и Истанбул, како и оној во Њујорк, мора уште толку да се засили динамиката на промоција на македонското богатство, а да се продолжи и со нови македонски центри, но и директни соработки со сродни музеи и институции низ светот.
Кој е патоказот кон успехот? Перспективата за успех е реална и мерлива, но таа бара три клучни чекори кои ја напуштаат досегашната матрица на летаргија:
- Јавно-приватно партнерство, каде има можност за исто, преку влез на приватен капитал во музејскиот менаџмент. Со модерни сувенирници, дигитални водичи и врвна услуга.
- Ребрендирање на наративот, со преод од „национална мака“ кон „светско наследство“. За тоа е потребно привлекување на странски фондови и грантови за развој.
- Инфраструктурно поврзување со музеите како централни точки во туристичките пакети, Со тоа би добиле директен прилив на девизи во локалната економија.
Македонската култура пред светот не треба да се претставува како куриозитет од минатото, туку како жива, пулсирачка вредност. Ако успееме да го промениме моделот на управување, од чувари на магацини и депоа, во менаџерирање на искуства на посетителите – нашите музеи многу брзо ќе бидат со профит, наместо „на позитивна нула“ или со загуби.
Клучот за успех не е во промена на историјата, туку во промена на деловната култура со која ја презентираме. Светот е подготвен да ја плати влезницата, прашањето е само дали ние сме подготвени конечно да ги отвориме вратите со вистински концепт. И тука не зборувам само за директорите, туку за сите вработени во институциите, но и воопшто општеството, преку локалната самоуправа, институциите и граѓаните, на кои музеите треба да им претставуваат една своевидна гордост кои и самите ќе ја потенцираат пред секој посетител, гостин или турист.
Токму на 18 мај е можност да се погледнеме во тоа музејско огледало. Да не ги забораваме сопствените музеи, затоа што еден ден и самите можеме да станеме само мал, неважен експонат во некоја туѓа, попаметно уредена историја во сосетството или големите сили.
Се радувам што веќе утре во Разловци на истокот од земјава, во областа Пијанец, близу Делчево, место каде пред 150 години македонците го означуваат почетокот на борбата за своја самостојност, во еден прекрасен објект кој пред 45 години се направил обид да се фундира темелот на една современа нација, ќе може сите добронамерници да погледнат еден куп артефакти и обележја на македонецот. Убава можност да се покаже правецот и траекторијата по која треба да се движиме во периодот кој следи.
Верувам во своите колеги и структура од извршната власт која ја раководи државата, кои исто како мене имаат зацртано добри цели во оваа насока. Прашање на време да ја видиме реализацијата и плодовите од оваа решителна агенда.
Нека ни е честит 18 мај, Меѓународниот ден на музеите!
Александар Ристевски
Извор: Курир.мк
