Канческа-Милевска во официјална посета на културните институции во Кратово

Министерот за култура Елизабета Канческа – Милевска во средата (22 јуни 2011 година) ги посети локалните установи од областа на културата во Кратово, и тоа: Домот на културата „Лазар Софијанов“, Музејот на градот Кратово како и средновековните кули Саат кула, Златкова кула и Симиќева кула, кои претставуваат значајно културно наследство од 14 век. За време на посетата министерката оствари и средба со градоначалникот на Кратово Мите Андоновски.

Во изјавата за медиумите беше подвлечено дека „Министерството за култура во изминативе години вложи максимум напори за обезбедување средства, со што ќе се помогне, Кратово културно да заживее, но и да стане интересна и посакувана туристичка дестинација, како за домашни така и за странски туристи, а во таа насока ќе продолжиме да работиме и во иднина“, истакна Канческа – Милевска

Таа додаде дека во рамките на капиталниот проект на Владата на Република Македонија за обнова и реконструкција на сите домови и центри за култура, Министерството за култура одвои средства за техничко опремување и санирање на Музејот на Кратово, како и на Домот на култура „Лазар Софијанов“ во Кратово, а до 2013 година ќе се направи адаптација и санација на мултимедијалниот објект (кино салата). Саат кулата и Симиќевата кула во Кратово се целосно реконструирани и отворени за посетителите и во нив се смесетни постојани поставки, додека Златковата кула ќе се реставрира во следниот период. Во програмата за ревалоризција се влезени и Јокчинскиот мост, Грофчанскиот мост, Чаршискиот мост, Радин мост, Горен мост и Мал мост во Кратово, како појдовна точка во нивниот соодветен третман и заштита.

 

Истовремено, со сите овие активности, ова културно наследство ќе стане значаен ресурс во заживувањето на овој крај. За во иднина планирани се археолошки истражувања, заштита, конзервација, реставрација и презентација на Тунелите во Кратово, а планирана е обнова и конзервација на повеќе фасади во Кратово, со што ќе се зачува автентичноста на старата градска архитектура во овој град.

Во програмата на Министерството за култура планирано е донесување на Закон за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење.

You May Also Like