Не денешен ден: Почина Вера Кличкова

На денешен ден почина Вера Кличкова, (Скопје, 24.4.1911 – Скопје, 25.05.1998) македонски етнолог, музеолог и фолклорист.

Во 1934 година дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје по предметите: етнологија, антропогеографија, географија, а 1947 година во Загреб завршува специјален музеолошки курс.
Работниот век го минува во музејско-конзерваторската струка како: асистент, кустос, виш кустос и директор на Етнолошкиот музеј – Скопје (денес Музеј на Македонија), каде раководи со целокупната стручно научна, организациона и административна работа, а на теренот со научноистражувачка и прибирачка работа.

Истовремено е и уредник на изданието „Гласник“ на Етнолошкиот музеј – Скопје. За својата стручно научна и стручно популарна дејност има добиено повеќе награди и признанија.

Во нејзин спомен на 4 јуни 2025, како дел од постојана поставка, отворена е спомен соба, според изгледот на најзината работна просторија во музејот дедека била директор, а се прикажал и биографски филм. Во Спомен собата се реставрирани оргинални предмети, документи и лични предмети како и мебелот од канцеларијата во која работела како директор цели 26 години.

Во филмот изработен за значењето и достигнувањата на Вера Кличкова во етнологијата и музеологијата и создавањето на етнолошките филмови зборуваат нејзини современици и колеги, со што се надопoлнува сликата за целосната посветеност и љубовта кон професијата, како и нејзината значајна улога во целокупниот општествен живот во Македонија.

Вера Кличкова е со огромни заслуги во организирањето и збогатувањето на етнографските збирки во овој и во други музејски установи, како и во пионерската улога во полето на визуелната антропологија и во создавањето на првите етнолошки филмови во Македонија. Вкупниот број на собраните предмети во Музејот за време на работниот век на Кличкова изнесува 15.000.

Кличкова е доајен во визуелната етнологија во Македонија. Од средината на 50-тите години од 20 век започнува со организирано снимање на етнолошки филмови и е „првата дама“ во оваа дејност не само кај нас туку и пошироко во регионот. Како сценарист и режисер снимила 6 филмови во периодот од 1952/53 до 1964/66 година: „Азот“ и „Велигденски обичаи“, „Ѓурѓовденски обичаи“,, и „Русалиски обичаи“ во гевгелиско „Рибарството во Катлановско езеро“ и „Мариовска свадба“.

На полето на визуелната етнологија Вера Кличкова е авангардна за нашата средина, со историско и културно значење како она на браќата Манаки, како пионери на своето време филмски да се забележат значајни настани и моменти од секојдневието и од традиционалниот живот на населението во Македонија во текот на 20 век.

 

Александар Ристевски

You May Also Like