Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска и македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски синоќа (14.11.2010 година) во македонската Амбасада во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, беа домаќини на празничен концерт насловен „Благодарност од македонскиот народ до американскиот народ” кој се организираше по повод Денот на благодарноста, еден од најголемите американски празници.
Пред почетокот на настапот на познатиот џез и фанк-изведувач Владимир-Четкар, кој се претстави пред голем број дипломати и конгресмени, министерката за култура Канческа-Милевска имаше и свое обраќање во кое ја истакна добрата соработка што постои помеѓу македонскиот и американскиот народ.
– Концертот на познатиот македонски џез -музичар Владимир Василевски Четкар е мал придонес во запознавањето на нашите култури, но големо признание и благодарност за сите досегашни напори на Соединетите Американски Држави во насока на меѓународното позиционирање на нашата држава-истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека помошта што Република Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави е навистина драгоцена и таа потврдува дека САД се наши големи стратешки, политички, економски и културни поддржувачи.