Се збратимија Скопје и Загреб

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и Градоначалникот на Град Загреб, Милан Бандиќ, денеска (вторник, 20.12.2011 година) во Загреб (Хрватска) ја потпишаа Повелбата за пријателство и соработка меѓу Град Скопје и Град Загреб, со што и официјално Скопје и Загреб станаа збратимени градови.

Целта на оваа Повелба е да им се овозможи на граѓаните на двата града остварување на заедничките цели и резултати, како и зајакнување на веќе постојните врски, со посебен акцент на проширување на стопанските и на културните врски; размена на искуства во еколошките програми, особено во заштитата на животната средина; меѓусебно запознавање на културата, историјата и традицијата; соработка меѓу музеите, универзитетите; мултикултурна соработка и јакнење на врските меѓу националните малцинства; ЕУ проекти; образованието (соработка меѓу средните училишта); урбанизамот и соработка меѓу јавните претпријатија.

Со потпишувањето на оваа Повелба двата града ќе можат да имаат заедничка соработка во рамките на меѓународните организации и асоцијациите на градови во коишто членуваат, додека особено внимание ќе биде посветено на размената на искуства, практики и можностите за учество во проекти од заеднички интерес.

– Соработката на Скопје и Загреб е клучен фактор за реализирање многу заеднички проекти во интерес на нашите граѓани. Имајќи ја предвид стратешката цел на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и имајќи го предвид фактот дека постигнувањето на европските стандарди и усогласувањето со европските политики се клучни насоки за развој и просперитет, убеден сум дека главниот град Скопје, има најголемо влијание во процесот на евроинтергацијата на нашата земја. Во таа смисла, богатата меѓународната соработка што нашиот град ја развива со многу градови во светот, им дава дополнителна енергија и важност во евроинтегративните процеси. Убеден сум дека искуството што го има градот Загреб како град од земја којашто е длабоко влезена во процесот на евроинтеграциите може да му пренесе позитивни искуства на градот Скопје – изјави градоначалникот Трајановски на потпишувањето на Повелбата.

Градоначалникот Бандиќ изјави дека е особено задоволен од потпишувањето на оваа повелба за соработка, бидејќи повеќето договори од овој вид се потпишуваат за да почне некоја соработка, додека Загреб и Скопје зад себе имаат долга соработка и проекти. Градовите Скопје и Загреб имаат долгогодишна традиција на одлична соработка, којашто во изминативе години резултира со голем број средби и меѓусебни посети и разменување искуства.

Делегацијата, покрај градоначалникот Трајановски, беше составена од повеќе лица од администрацијата на градот Скопје, како и од советниците во Советот на Град Скопје, Петар Арсовски и Александар Бичиклиски. Делегацијата од Градот Скопје оствари средба и со Амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Данчо Марковски.

Загреб е седумнаесеттиот град со којшто Скопје се збратимува. Досега има остварено соработка врз основа на збратимување со градовите: Брадфорд, Велика Британија (1961), Дижон, Франција (1961), Дрезден,  Германија (1967), Темпи, Аризона, САД (1971), Рубе, Франција (1973), Варем, Белгија (1974), Нирнберг, Германија (1982), Еч Шелиф, Алжир (1983), Нан Чанг, НР Кина (1985), Маниса, Турција (1985), Суец, Египет (1985), Питсбург, Пенсилванија, САД (2001), Истанбул,  Турција (2003), Љубљана,  Словенија (2007), Подгорица, Црна Гора (2008) и со Сарагоса, Шпанија (2008).

You May Also Like