Спортскиот центар Борис Трајковски е организатор на најголемиот хуманитарен настан до сега на сите времиња. Големиот предновогодишен музички настан ќе се одржи на 30.12.2011 година во петок, во Арената со почеток во 20:00 часот. Настанот ќе биде емитуван во живо на МТВ, а граѓаните преку линиите од мобилните оператори ќе може да донираат 50 денари за децата без родители.
Дел од средствата од влезниците ке бидат наменети за обнова на детската клиника во Козле. На концертот ке настапат: Владо Јаневски, Тони Зен, Ребека, Ламбе Алабаковски, Елена Ристевска, Паркети, Тамара Тодевска, Александра Пилева, Димитар Андоновски, Дарко Илиевски, Некст тајм, Токсикологија, Викторија Лоба, Легијата, Магдалена Цветковска, Бени – Нон стоп, Орхидеја и Влатко Лозаноски.
– Еден од нашите приоритети кои ги поставуваме беа лицата со посебни потреби, така што овој проект кој го реализираме во соработка со Метрополис радио мрежата, само еден мал дел од активностите од аспект на наш придонес кон оние кому е најпотребна помош, а нивната желби за Нова година се ограничени. Граѓаните кои нема да можат да присуствуваат ќе може преку телефон да разговараат со актери, пеачи, спортисти и политичари кои ќе го дадат својот придонес кон овој новогодишен хуманитарен настан, вели директорот на „СЦ Борис Трајковски“ Ратко Капушевски.
Средствата кои ќе ги собереме и трансферираме до домот и болницата ќе ги презентираме на крајот од концертот, а ќе бараме да ни се обезбедат докази за што се потрошени. Овој настан се планира да биде традиционален и ќе биде повторно организиран наредната година. Наша основна цел покрај помошта кон домот и болницата е да ја поттикнеме хуманата свест кај граѓаните, бидејќи донацијата односно повикот од 50 денари е колку едно еспресо во градските кафичи, истакна Капушевски и ги повика граѓаните на Македонија да дојдат во што е можно поголем број.
Да запееме во еден глас. Настанот е поддржан од фондацијата Тоше Проески.