Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе одбележи 51 година од нејзиното основање.
Реч за Академијата ќе одржи нејзиниот претседател, академик Таки Фити, а по повод роденденот ќе биде доделено меѓународното признание „Блаже Конески“ на годинашните добитници Јоланта Сујецка и Јуми Накаџима. Ќе биде отворена и изложба на изданија на МАНУ во тековната 2018 година.
Македонската академија на науките и уметностите е основана во 1967 година и прв претседател бил Блаже Конески. Членовите на МАНУ се избираат на секои три години на централното собрание на Академијата.
Од формирањето МАНУ досега имала 154 членови, од кои 41 сега имаат статус на редовни членови, а 33 се со статус на членови надвор од работниот состав.
На денешен ден, 9 октормври 1967 година во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, била одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која било извршено конституирање на МАНУ.
За претседател на МАНУ бил избран Блаже Конески (до 1975), редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, за потпретседател д-р Харалампие Поленаковиќ, редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а за секретар Ѓорѓи Филиповски, редовен професор на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје.