Министерот за култура Канческа-Милевска утре (среда, 21 декември 2011 година), со почеток во 18:00 часот во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип ќе се обрати на свеченото отворање на новата историска поставка во оваа музејска установа.
Штипскиот завод и музеј за првпат во своето шеесетгодишно постоење добива историска поставка која се простира на 360 квадратни метри и содржи над 1000 експонати, бројни фотографии, оружје, документи, писма, печати, штембили од штипски фудбалски клубови, банкноти и монети, одликувања и ордени.
Поставката отсликува период од времето на првото споменување на името Астибо од античкиот хроничар Полиен во третиот век пред нашата ера, па сè до создавањето на самостојна и независна Република Македонија.