Стартува 13-ти интернационален фестивал на монодрама во Битола

Со 12 изведби од 4 до 8 мај, во Битола ќе се одржи 13-то издание на Интернационалниот фестивал на монодрамата. Питер Тејт од Велика Британија, Ана Власов од Израел, Николај Урумов од Бугарија, Егзит театар и Рене Медвешек од Хрватска се некои од актерите кои со своите креации ќе вложат напор да го предизвикаат и задржат вниманието на публиката.

На сцената на битолскиот театар актери од НУ Драмски театар-Скопје ја изведоа претставата „Олово на перница“ од Венко Андоновски во режија на Димче Николовски, а фестивалот за отворен го прогласи Дарко Стефановски, државен секретар во Министерството за култура.

Театарска претстава ќе биде изведена и за време на свеченото затворање, а тогаш ќе настапи театарот од Прилеп со нивното најново остварување, претставата „Мангите пијат чај“ од Душан Михајловиќ во режија на Коле Ангеловски, потврди директорот на НУ Центар за култура, Борче Димитровски.

Изведувањето на монодрамите за наградата гранпри почнува вечер со настап на актерката Олвера Аризанова од струмичкиот театар која ќе ја изведе монодрамата „Таа“ од Даниела Колева во режија на Васил Михаил.

Во конкуренција за награди, Гран при за најдобра претстава, за најдобар актер, режија и награда од публиката, ќе бидат прикажани 12 проекти од 10 земји од светот, а Бранко Ѓорчев, претседателот на меѓународното жири на манифестацијата истакнува дека ова културно случување е промоција не само на оваа специфична театарска форма туку и воопшто на нашата култура.

Долга е листата на македонски актери кои во годините наназад многу инспиративно и моќно и се претставувале на публиката посегајќи токму по монодрамата како најтешката сценска форма во театарот. Од оние кои оставиле посебен белег на сцената се издвојуваат Јоана Поповска со својата Велика од Пиреј, Мите Грозданов со осумте проекти од кои секако најпознати му се „Чумурџијата“ и „Итар Пејо дошол од кај умрените“, Владимир Светиев со „Дневникот на лудиот“, Бајруш Мјаку со истиот текст, Димитар Зози, Петар Темелковски со над 100 изведби на неговиот Филип, Игор Џамбазов со своите 14 лика од Детски работи, Ѓорѓи Јолевски, Драган Спасов и други. Новинарот и театарски критичар Бранко Ѓорчев, а воедно и претседател на меѓународното жири на манифестацијата забележува на фактот дека и покрај богатата традиција, глумците во Македонија ретко се одлучуваат за изведба на ваков креативен актерски чин.

Автор: Љубица Поповска

You May Also Like