На 31 август, во 90-та година од животот, во Скопје почина актерката Вера Вучкова – Жежељ, една од членките на иницијалниот ансамбл на МНТ кој на 3 април 1945 ја одиграл својата прва претстава „Платон Кречет“. Во таа историска претстава, Вучкова ја изговори митската реплика „Сонцето! Колку е блиску сонцето!“ .
Родена на 24 август 1925 во Кнежа, Република Бугарија, Вучкова својата актерска дарба ја искажувала уште на училишните години. По матурирањето во Битолската гимназија (1944), и се приклучила на легендарната партизанска театарска група на АГИТПРОП, со која, во ноември 1944, стасала во штотуку ослободеното Скопје.
Како и Петре Прличко, Илија Милчин, Тодор Николовски, Василие Поповиќ-Цицо, Димитар Ќостаров, Тома Владимирски, Крум Стојанов…, таа „природно“ влегла во Македонски народен театар, станувајќи една од неговите први актерки. Со Милчин и Стојанов, Вучкова исполнила на уште една историска театарска мисија: во јуни 1947, учествувала во основањето на Областен македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград. Играла носечки ролји во сите пет претстави што овој театар ги изиграл во својата единствена сезона 1947-1948. Кариерата ја продолжила во Бугарија, каде како првенка на театрите во Благоевград, Димитровград и Бургас, играла полни 16 години.
Во 1964 се врати во Македонија, во ансамблот на МНТ, со кој настапувала и по пензионирањето во 1982. Својата последна МНТ-овска премиера ја одиграла на 3 април 1987, како Цонка во обновената постановка на „Чорбаџи Теодос“.
Во 2005 година, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на Вера Вучкова – Жежељ и додела награда за животно дело.
Утре (понеделник) 01 септември 2014 год. во 11 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржи комеморација. Последното испраќање ќе биде на градските гробишта Бутел, во капела 12:30 а погребот ќе биде во 13:30 часот.