„Манаки“ пост фестум: После нас остануваат сликите!

Вчера во раните утрински часови од Битола си замина и последниот гостин, годинашниот претседател на жирито на главната програма на фестивалот „Браќа Манаки“  Фред Келемен. Во соопштението од прес центарот на Фестивалот се вели:

Келемен беше видно задоволен од фестивалскиот концепт, организацијата, програмата но и од гостопримливоста на тимот и на битолчани. Во краткиот и трогателен говор, меѓу другото, кажа „Не само кога ќе нè нема, туку далеку пред тоа, можеме да сфатиме дека единственото нешто што ќе остане откако сè ќе исчезне, се сликите и емоциите. Откако сè ќе нè напушти, сликите ќе останат. Овој фестивал е токму во чест на сликата. Сликата не мора да биде прекрасна а нејзиниот квалитет не е прашање на техника, туку е прашање на откривање на метафизичкото кое се крие под физичкото, во самата срцевина.“

Годинава Македонија имаше екслузивна можност да ја види една од најголемите актерки во светската филмска историја, Катрин Денев, која беше во Битола три дена и си замина велејќи дека со себе ќе понесе исклучителни впечатоци. Самата беше цел на папараци и на неколку контроверзи, како заминувањето од Битола, каде искористувајќи го времето до последен момент, ризикуваше да го пропушти летот.

 


Ги имавме и двајцата добитници на наградите „Златна камера 300“, Христијан Бергер и Лучано Товоли, едниот философ во сенка, другиот енергичен и страсен оратор.

Имавме можност да сретнеме и други над триста гости од земјава и од странство.

Во двете битолски кино-сали можеа да се видат проекции на вкупно 74 филма, а статистичките податоци велат дека во градот со околу 70.000 граѓани, имало повеќе од 16.000 гледачи во текот на седумдневниот фестивал, што е своевиден рекорд кога ќе се има предвид досегашната историја на Фестивалот.

Дури 171 акредитирано лице од светот на медиумите од Македонија и десетина од странство, дојдоа од повеќе земји, а известувањето од фестивалот се одвиваше непрекинато од ден во ден, со цели насловни страници и ударни наслови, со десетици интервјуа и разговори кои на дневна основа се одвиваа паралелно на повеќе места во градот.

Како и мината година, така и оваа, фестивалот ја спроведе и хуманитарната акција, а средствата во облик на облека за децата беа доставени во ЈУ Дом за доенчиња и млади деца во Битола.

Црвен тепих имаше и на отворање и на затворање, како и специјално организирани фестивалски настани и дружења.

Имавме и ретка можност да видиме 28 македонски филма, меѓу кои и две премиери, на самиот почеток и на самиот крај, Трето полувреме на Дарко Митревски и Балканот не е мртов на Александар Поповски.

Годинава беше одржана и Првата балканска конференција на кинематографери, на која делегати од Балканот под водство на претседателот на ИМАГО, Европската асоцијација на кинематографери, Најџел Волтерс, дискутираа околу ефектите од глобализацијата и околу брзината на промените во технолошкиот развој.  Делегатите се договорија да се сретнуваат почесто и дека платформа за идно дејствување е клучна за натамошниот прогрес на  филмската продукција на Балканот.

Воркшопите за фотографија, организирана со регионалната активистичка платформа „Лице в лице“, и за филмски звук, беа проследени со голем интерес од публиката.

Се одржа и тркалезната маса во партнерство со списанието „Капитал“ на која се говореше за начините на финансирање на проекти во културата во земјава, а која обедини солиден дел од кремот на приватниот и на кутурниот естаблишмент.

Видовме промоции на книги, изложба.

„Се надеваме дека сите подеднакво уживавме во годинашното издание на фестивалот и дека содржините кои ги понудивме ја разбрануваа вашата филмска фантазија. Се надеваме дека стимулиравме многу млади творци да почнат без страв да креираат и да експериментираат, бидејќи само така ќе изградиме плодна филмска иднина,“ вели Лабина Митевска, директорка на фестивалот, додавајќи, „за сето тоа им благодарам на сите кои беа дел од Фестивалот, но пред сè им благодарам на репортерите од сите медиуми кои ни дадоа невидена поддршка, во најразлична смисла, и чија секогаш чиста и секојдневно очигледна желба да учествуваат во подигнувањето на Фестивалот на светско рамниште, ни даде ветар во грб и понатаму да ги рушиме стандардите. Благодарам уште еднаш.“

Денев јадеше ресенски јаболка и ја пееше Адел при доаѓето на Фестивалот, Канго допатува автостоп од Кочани, еден германски кинематографер на сопствен трошок помина стотици километри со воз, еден новинар од Грција неколкупати доаѓаше во Фестивалскиот центар да се заблагодари на доделената акредитација. Битола годинава беше центар на голем број желби и креативност. Се надеваме дека ќе продолжиме да создаваме и да креираме и следната година.

Годинашното, 33. издание на Фестивалот, се одржа од 15 до 21 септември 2012 година, традиционално во Битола, под мотото „Продолжи да создаваш“.

Интернационалниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој се одржува секоја година во Битола, е организиран од Друштвото на филмските работници на Република Македонија, а под покровителство на Претседателот на РМ и е поддржан од Министерството за култура, Филмскиот фонд на Македонија, Општина Битола и Амбасадата на кралството Холандија. Официјален партнер е Вип, генерален спонзор е Шпаркасе банка.

You May Also Like