Светската пијанистичка елита на „Охридско лето 2011“

Овогодинешното 51-во издание на Охридско лето, ќе го обележат гостувањата на добро познати пијанистички имиња. Музичкиот селектор Гордана Јосифова – Неделковска информираше дека Борис Березовски, Александар Гиндин и Алексеј Володин се пијанистите кои ќе ги слушнеме оваа година на фестивалот.

Јосифова-Неделковска вели: „И понатаму во програмата се вклучуваат имиња на светски уметници кои до сега не настапувале на „Охридско лето“, како Володин и Гиндин, пијанисти кои ги исполнуваат големите светски сали и ова ќе биде исклучителна можност македонската публика да ужива во нивната извонредна изведба. Посебно ми е драго што при мојата посета во Москва, каде настапував како солист на еден фестивал, имав прилика да се запознаам со овие двајца уметници – големи пијанисти, и тие со задоволство ја прифатија мојата покана да дојдат на фестивалот „Охридско лето“ за кој, како што самите изјавија, слушале многу од нивните колеги“.

Рускиот виртуоз на пијано, Борис Березовски, редовно настапува како солист со светски познати оркестри како Њујоршкиот филхармониски оркестар, Оркестарот од Филаделфија, Данскиот национален радио симфониски оркестар, Новата јапонска филхармонија и многу други. Соработувал со повеќе колеги – музичари меѓу кои се истакнуваат виолинистот Вадим Репин и виолончелостот Александар Кнажев. Березовски е основач и организатор на меѓународниот фестивал Медтнер, организиран во чест на славниот композитор Николаи Медтнер, а воедно Березовски важи за еден од најдобрите современи интерпретатори на неговата музика.

По неговото деби во Лондонскиот „Вигмор Хол“ во 1988, весникот „Тајмс“ го опишува како „уметник со исклучително ветување, пијанист со занемувачка виртуозност и исклучителна моќ“. По две години го исполнил ветувањето со освојување на златниот медал на конкурсот „Чајковски“ во Москва.

Александар Гиндин е еден од најценетите руски пијанисти на денешницата. Критиката и љубителите на музичката уметност едногласно го прогласуваат за еден од најталентираните и најуникатни пијанисти. Гиндин многу брзо и многу млад стекнува светска слава со тоа што во 1994 година станува најмладиот лауреат на интернационалниот „Чајковски натпревар“ во Москва. Во 2006 ја добива титулата „почесен уметник“ во Русија, а во 2010 освојува прво место на Интернационалниот натпревар во пијано во Бразил.

Има настапувано со светски познати оркестри како Лондонска и Минхенска филхармонија, Парискиот оркестар, Новиот јапонски филхармониски оркестар, Белгискиот национален оркестар, Шведскиот кралски фестивалски оркестар, Луксембуршката филхармонија и многу други. Соработувал со некои од најпознатите диригенти- Томас Зандерлинг, Артур Фаген, Алан Гилберт, Леонард Слаткин, Јури Симонов и други.

Александар Гиндин работи и како уметнички директор на повеќе престижни фестивали. Во сезоната 2010/2011 се појавува како уметнички директор на два фестивали во Русија, еден во Белорусија и на Шведскиот кралски фестивал во Стокхолм.

Алексеј Володин важи за еден од највештите руски пијанисти од својата генерација. Меѓународната критика постојано ги величи неговата извондредна вештина, неговите интерпретациони техники, убавината на неговиот звук и разновидноста на неговиот репертоар.

Володин постојано настапува со светски познати оркестри од калибарот на Лондонскиот симфониски оркестар, Њујоршката филхармонија, Францускиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Соработувал со некои од најпознатите диригенти како Лорин Мазел, Михаил Плетњев, Лоренс Фостер, Давид Зинман, Владимир Федосејев и други.

Алексеј Володин е првиот избран „уметник на месецот“ во новата Мариински концерна сала во Санкт Петерсбург.

You May Also Like