Продолжуваат „Деновите на македонската култура“ во Лондон

На дел од настаните во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Лондон во периодот од 12-14 мај ќе присуствува и министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска.

На 13 мај во „Глоуб“ театар премиерно ќе биде изведена претставата „Хенри Шести“ на Битолскиот театар. Претставата која е во режија на познатиот театарски режисер Џон Блондел, ќе биде изведена во рамките на театарскиот фестивал „Светот за Глоуб“, на кој учествуваат 37 меѓународни театарски компании што ќе ги изведат сите 37 драми од Шекспир, на исто толку јазици.

Во рамките на манифестацијата, ќе биде претставена и македонската изворна култура  преку настапот на  Стефче Стојкоски и неговиот ансамбл.

На 14 мај, на Катедрата за славистика на „University College London“, министерката Елизабета Канческа Милевска ќе ја промовира едицијата „130 тома македонска книжевност“ превод на англиски јазик. На промоцијата ќе се обратат и Горан Стефановски, македонски амбасадор на културата во Лондон, писателот Венко Андоновски и големиот македонист Греам Рид.

Манифестацијата „Денови на македонската култура во Лондон“ започна на 3-ти мај со концертот на македонскиот пијанист Симон Трпчески и лондонскиот Филхармонија Оркестар во Ројал фестивал хол. Трпчески кој со својот настап ја воодушеви публиката, на бис ја изведе и „Играорната фантазија“ прикажувајки ја на тој начин убавината на македонскиот фолклор и ритам. Во престижната галерија „Пал Мал“ пак во центарот на британската престолнина, голем интерес предизвика изложбата „Made in Macedonia“ на Музејот на современата уметност, на која беа претставени делата од современата македонска ликовна сцена.

You May Also Like