Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави книгата „Безгрижно талкање (Избрани текстови)“ на старокинескиот мислител и филозоф Чуанг Це.
Изборот, преводот и коментарите се на Ленче Тосева, а преводот е извршен според руски изданија преведени од старокинески јазик.
Чуанг Це бил кинески филозоф кој живеел околу 4 век пр. н. е., најверојатно меѓу 370 и 300 година. Го сметаат за еден од најголемите учители на таоизмот, а неговото име, всушност, значи „Учителот Чуанг“. Живеел во државата Сонг (денешна провинција Хенан) во периодот на кинеската историја кога седумте помали држави често војувале меѓу себе. Тогаш се појавиле повеќе филозофски учења. Живеел повлечено, но сепак станал познат по своите идеи, мудри искази и записи.
Чуанг Це бил воздржан спрема дострелите на човечкото спознание, тврдел дека животот е ограничен, а знаењето е неограничено. Се противел на поимите природно и човечко. „Тоа што е природно – е внатрешно. Тоа што е човечко – е надворешно…“. Иако различните суштества се различни според својата природа, заедничко им е слободното доживување на природната способност. Преку законите, моралот и институциите луѓето се обидуваат да воспостават еднообразност и да ги укинат природните разлики. Тој се спротивставувал на управувањето со луѓето, а најдобар начин на управување е неуправувањето.