Возбудлива нова сезона на Македонската филхармонија

Kонцертна сезона 2012/2013 на Македонската Филхармонија ќе биде отворена на 27 септември со концерт на пијанистот Франческо Пиемонтези под водство на полскиот диригент Јануш Пшибилски.

Филхармонијата и во новата сезона ќе ги задржи тематските циклуси „Виртуози“, „Лауреати“ и „Кирилица“, а најавува и многу познати имиња како гости солисти или диригенти.

Надвор од класичните концерти ќе биде настапот на славниот либански музичар и композитор Марсел Калифе, кој ќе изведе негови композиции за уд и оркестар на концертот со тематски наслов „Арапски ноќи“, романтичен џез на концертот за Денот на вљубените (14 февруари) и музичкиот спектакл кој е меѓу најпродаваните во светот, „Little Nightmare Music“.
Во новата сезона ќе гостуваат и пијанистката Јулијана Авдеева, која победи на Шопеновиот конкурс во 2010 година,  наградуваниот француски пијанист Жан-Ефлам Бавузе, кој во Скопје ќе го изведе Концертот број 2 за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев, како и јапонската виолинистка Акико Суванаи, која во 1990 година станала најмлада победничка на Конкурсот „П. И. Чајковски“.
Со Филхармонијата ќе настапат и виолинистот Валериј Соколов, виолончелистот Ласло Фењо, најдобриот светски трубач Сергеј Накарјаков, виолистот Александар Земцов, флејтистот од светски ранг Филип Бернол од Франција, еден од феномените на класичната музика-гитаристот Милош Карадаглиќ, како и македонските Ана Дурловски, Александар Коловски на хармоника, виолинистот Емилио Перцан,  пијанистката Кристина Светиева и кларинетистите Здравко Ангелов и Игор Бакревски.
Со Филхармонијата во новата сезона ќе диригираат: Емил Табаков, Јануш Пшибилски, Еван Крист, Мартин Пантелеев, Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, но и неколку нови имиња, како Гвидо Јоханес Румштад и српскиот диригент Владимир Куленовиќ, кој живее и работи во САД.

You May Also Like