Времетраењето на изложбата 110 години од раѓањето на Лазар Личеноски заради огромниот интерес на публиката се продолжува до 23 мај 2011 година. Изложбата е поставена во Националната галерија на Македонија, објект Даут пашин амам.
На изложбата се изложени над 100 дела (слики и цртежи), работени од 1920 до 1964 година. Ова е дел од можеби најголемата донација на ликовни дела кое семејството Личеноски ја подарува на Република Македонија, односно на Националната галерија на Македонија.
Со оваа непроценливо вредна поставка започна прославувањето на јубилејот на Лазар Личеноски, кој ќе трае во целата 2011 година со низа активности посветени на неговиот лик и дело. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.
Инаку, крајот на месец мај 2011 година, се подготвува ретоспективна изложба на Боро Митриќески на која ќе бидат изложени над 100 дела од сите периоди на неговото творештво. Подетални информации за оваа изложба ќе добиете во наредниот период.