Филмови од Карлос Саура во Кинотека

Во два наврата овој месец, Кинотека на Македонија организира циклуси со филмовите на Карлос Саура. Првиот дел од циклусот е од утре (13 ноември) до 15, а вториот од 27-ми до 30-ти ноември.

Кинотека на МакедонијаКарлос Саура (1932) е најистакнатиот шпански режисер во седумдесеттите и првата половина на осумдесеттите години на минатиот век. Прво се занимава со фотографија и аматерски филм, а во 1957 година дипломира на Институтот за кинематографски истражувања во Мадрид каде што подоцна и предава. Целиот негов опус, низ специфична надреалистичка поетика и црн хумор во кој се мешаат фактите и фикцијата, е насочен кон деконструкција на наследените културни влијанија и врз препрочитување и редефинирање на шпанските историја и културно наследство.

По првенецот ХУЛИГАНИ (1961), следуваат БАЛАДАТА ЗА БАНДИТОТ (1963), ЛОВ (1965), ГРАДИНА НА ЗАДОВОЛСТВАТА (1970), РОДНИНАТА АНХЕЛИКА (1973), БРЗО, БРЗО (1980) за кој ја доби „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, потоа и СЛАТКИ ЧАСОВИ (1982), АНТОАНЕТА (1983), КАРМЕН (1984), ЕЛДОРАДО (1988), ТЕМНА НОЌ (1989), КАРМЕЛА (1990), ТАНГО (1997), ГОЈА ВО БОРДО (1999), БУЊУЕЛ И МАСАТА НА ЦАР СОЛОМОН (2001), САЛОМА (2001), документарниот ФАДОС (2007), ЈАС, ДОН ЏОВАНИ (2009), и последниот, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКОТ (2010). Централен дел од творештвото на Саура го сочинуваат осум филмови снимени со американската актерка Џералдина Чаплин, во кои женските ликови се општествено прифатливите модели на жени доведени во криза по која ослободуваат субверзивни фантазии: ПЕПЕРМИНТ ФРАПЕ (1967, „Сребрена мечка“ во Берлин), СТРЕСОТ Е ТРИ, ТРИ (1968), ДУВЛО (1969), АНА И ВОЛЦИТЕ (1973), ЗМИЈА ВО ПАЗУВИ (1976), ЕЛИЗА, ЖИВОТЕ МОЈ (1977), СО ВРЗАНИ ОЧИ (1978), и МАМА ПОЛНИ 100 ГОДИНИ (1979).

You May Also Like