„Tреба да го милуваме нашиот јазик затоа што е наш како што е и нашата татковина“ – Крсте Мисирков. МАНУ издавач на три тома кои потврдуваат дека Мисирков е столб без кој не би можела да постои нашата држава.
Претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, истакна дека Мисирков е една од централните фигури во македонската културна и национална мисла, столб без кој не би можела да постои оваа држава. Денес, кога ни се случува непризнавање на нашиот јазик, Старделов потсети на идеите на Мисирков дека опстојот на македонската нација лежи во опстојот на македонскиот јазик.
„Мисирков е нашиот лик во димензија на минатото. Тој е актуелен патоказ во битката за македонското прашање, која сe уште ја водиме. Мисирков, тоа сме ние. Ние, некогаш и сега“. Ова, меѓу другото, вчера во Македонската академија на науките и уметностите го нагласи академик Блаже Ристовски во своето авторско излагање на промоцијата на три тома собрани дела на Крсте Мисирков. Станува збор за прво издание во кое на едно место се собрани делата на кодификаторот на македонскиот стандарден јазик. Во првиот том на обемното критичко издание се содржат сите дела на Мисирков, а во вториот и во третиот том се неговите научни трудови. Издавач е МАНУ. Проектот е започнат пред шест години, но вчера беше официјално промовиран. Првиот том е издаден во 2005 година. Вториот и третиот се издадени во 2007, односно 2008 година. Треба да бидат издадени уште три тома за Мисирков, кои ќе ги содржат неговите дневници и студии за неговиот живот и дело.
– Големи луѓе ја имаат таа привилегија да не бидат разбрани во своето време. Таков беше и Мисирков. Тој беше длабок мислител и до денес не сме го достигнале неговиот профил. Таков лингвист и мислител Македонија нема ни до денес. Треба постојано да се поклонуваме пред неговото дело и да бидеме свесни каков ум дала оваа земја – рече Старделов.
Раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ, академик Митко Маџунков, истакна дека имаме сериозни проблеми со постарите наслојки во нашиот јазик и токму поради тоа јазикот на Мисирков не е разбирлив за новите генерации.
– Никој како него не е заслужен за создавање на сликата за Македонија, пред таа да биде создадена – посочи Маџунков.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Веселинка Лабровска, рече дека Мисирков бил визионер, а неговата визија денес е наша реалност. Таа ги повтори неговите зборови: „треба да го милуваме нашиот јазик затоа што е наш како што е и нашата татковина“. Особено денес кога некои држави не ни го признаваат.