Скопјани вечерва ги очекува „културен шок“

Американскиот состав „Култур шок“ (Kultur Shock)  денеска ќе настапи со самостоен концерт во клубот „Хавана“ во Скопје. Пред македонската публика, на концертот со почеток во 21 часот, тие ќе го претстават својот последен албум „Министри оф Култур“.

Како домашна поддршка ќе настапи олстар-групата „Вајтест џипси оркестра алајк“, која беше најавена како уникатна која свири комбинација од панк, реге и балкан-бит. Станува збор за комбинација на членови од различни скопски бендови, како „Канон“ и „Фан хаус“, заедно со диџејот Томче Рутбој.

Во групата „Култур шок“, покрај водачот и вокалист Гино Јевгевиќ, членуваат и Парис Хрли на виолина, Гај Дејвис на бас, Вал Коиосовски на гитара, Крис Стромкист на тапани и Ејми Денио на кларинет, саксофон и вокали.

Меѓу позначајните соработки на „Калчр шок“ се тие со познатите состави „Систем оф а даун“ и „Гогол бордело“.

Новиот албум на „Култур шок“ доби одлични музички критики, има многу пожесток звук од претходните и веќе високо котира на светските листи. Ова издание најексплицитно го покажува политичкиот напор на бендот.

Промоцијата на албумот беше во Сиетл, САД, а на 30 март со промотивен настап во Њујорк групата ја почна турнејата, на чијашто мапа се најде и Скопје.

Македонската публика имаше можност да ги види на 11. издание на фестивалот „Таксират“ во 2009 година.

Цената на влезницата за концертот на „Култур шок“ е 300 денари.

Автор: Љубица Поповска

You May Also Like