[Расказ] „Свадба или циркуз?“од Ана Чочкова

Деби расказ на младата Ана Чочкова. Таа дипломираше на Филолошкиот факултет во Скопје, на катедрата за Англиски јазик и книжевност, при УКИМ.

Ова нејзино дебитантско дело е инспирирано од секојдневните случувања. Насловено е „Свадба или циркуз?“

——————————————————————-

Само што стапнав дома после операција, целата преврзана со завои и фластери, ми ѕвони телефонот.

„Леле, човек не може три дена да те добие!“ – го слушам гласот на другарка ми од средно.

„Ами еве, од операција…“ – викам јас.

„Да закрепнеш за свадбата, слушаш? А всушност за тоа и те барав, старосватице. Кажи ми која боја да ти биде цвеќето што ќе го носиш на рака“ – возбудено како од пушка истрелува другарка ми, која се мажи за месец-дена.

Која боја…. Зар и за тоа бре се бира боја? Требало да ми одговара на фустанот. А јас го немам ни одбрано фустанот. Што се однесува до мојата улога како старосватица, јас се уште не сум ја научила и не знам што треба да правам.

„Нема пари, нема пари…“ Откако знам за себе, ова е најактуелната реченица во земјава. Ама кога се работи за свадби, „летаат“ пари од сите страни. 250 евра за шминка, 500 евра за фустан, чевли… И се немало пари? Ми се вртат два можни одговори.

Прво, кај нас луѓето или штедат целиот свој живот за претстојните свадби, батали одмори и се друго. Свадбите се битни, тие 3 месечни подготовки за 24 часа вртење, скокање, поздравување со бројните роднини. Втора варијанта, можеби постојат т.н. „свадбени кредити“ кои, со нашиот животен стандард и плати, луѓето после тоа го поминуваат остатокот од животот во нивно отплаќање.

Добро, знам дека ја претерав. Но, баш така стојат работите. Луѓето немаат пари, а кога ќе дојде ред за свадба, одеднаш не е проблем трошење на милиони глупави обичаи, на лимузини, шминка, фустан и бовчи за старосватицата, кумот и деверот и стотици гости од кои половината се роднини што никогаш во животот не сме ги виделе и нема ни да ги видиме повторно.

Не ги знам милионите обичаи на една свадба. Но, многу добро ги познавам типовите на ценети гости, без кои свадбата не би била потполна. Ако си близок роднина на невестата или младоженецот, задолжително е на почетокот на свадбата да те опколат бројните тетки и баби и да те искараат зошто никогаш не одиш да ги посетиш (Бог да чува, па ти не знаеш ни каде живеат).

Ама нема врска, ти можеш само најљубезно да им ветиш дека ќе ги посетиш следната недела и тие ќе се смират. И да се понадеваш дека некоја од нив нема да биде поупорна и да продолжи да навлегува во темата. Понатаму, дури влегуваш во салата, следно налетуваш на некоја тетка која никогаш во животот не си ја видел, па инсистира да и отидеш на гости на слатко, да се запознаеш со нејзиниот неженет син, твој братучед. „Може и да се заљубите, деца, срамота е да не се знаете“. Добро, донекаде и имаат право. Ама мора ли тој процес да биде ритуалски извршен, со кафе и слатко, нели може само да се покаже твојот мистериозен братучед на слика?

На другата страна од салата се наоѓаат веселите чичковци и сопрузи на горенаведените тетки, кои гајле немаат дали ти си ги посетил некогаш во животот или не. Весели, испотени, зацрвенети, не дај Боже да се пуштат од орото, па некој да им го земе местото. Прават пауза само за вечерата, за тортата и за да си ги наполнат чашите.

И секогаш има еден постар намќор пар кој дошол да се најаде. Обично се наоѓаат во едно ќоше од салата, со чиниите полни со месо и салати. Веќе одамна се сити, ама тие да си имаат залихи во чиниите, во случај да се изеде салатата па да немаат што да „буцнат“ ако подогладнат, а келнерот се уште да не стасал да донесе нова порција салата.

Овде се и другарките на невестата, сите до една дотерани, светнати, „фрчат“ вештачки нокти, вештачки локни и вештачки трепки на сите страни. И тие потрошиле речиси колку и невестата на фустан и шминка, ама за тоа ќе се секираат утре, кога ќе се видат во огледало. Сега работа им е се вртат околу невестата, додека таа кутрата потскокнува од една нога на друга, бидејќи ја болат нозете од свадбените чевли. Излезе дека и не се толку удобни како во првите 5 минути. Можеби требала да се подразмисли повеќе на таа тема и да си набави и резервна, спасувачка и носена варијанта за втората пловина од свадбата.

Другарите на младоженецот креваат раце во воздух и се плеткаат околу музиката. „Летаат“ нарачки на песни. „Ерген одев мамо, поарно ми беше…“ е задолжителна на репертоарот. Како на младоженецот да не му е доволно тешко и без тоа. И тој на драго срце би се „начукал“ со другарите. Но не, тој мора да се држи примерно пред бабите.

И на крајот, да не ги заборавам и малите „невестичиња“ и „младоженчиња“, облечени во бели фустани и костими, кои сите ги тераат да играат заедно кога се друго ќе им здосади. И така, тие се клатат лево-десно, откако 10 минути претходно се степале во ходникот и се мразат од проста причина што едното е машко, а другото женско. Ни нив не им е лесно.

Да не бидам сфатена погрешно, немам ништо против свадбите. Сигурно има и добри страни кои јас, со моето аматерско искуство од само 3-4 свадби во животот, не сум ги открила. Не би сакала да носам „на душа“ нечија идна свадба. Но имам едно големо „против“, за непотребното расфрлање со пари во ситуација кога, сите „кукаат“ како немаат пари, работа и како е тешка живеачката. Не сум против работи кои ги развеселуваат и опиваат луѓето, па тие забораваат на проблемите барем таа една вечер. Сигурна сум дека дури и намќориот пар во ќошот од салата си одат дома сити и задоволни.

„Каква боја да биде цветот….“ замислено се гледам во огледало, целата замотана во завои и фластери на лицето. Го земам телефонот и вртам кај другарка ми.

„Еј, нека биде цветот кремов, како фластерите мои или бел, како завоите!“ – весело извикувам на телефон.

„Што? Ќе ми дојдеш на свадба со фластери?“ – го слушам возбудениот глас на другарка ми од другата страна.

You May Also Like