Заедничкиот проект на Никола Коџoбашија, групата „Фолтин“ и на перкусионистот Гоце Стефковски, „Penelope X“, со поднаслов „7 songs and postludium from the musical ‘Odysseys and his Women“, вчера беше промовиран во просториите на клубот МКЦ во Скопје, пред голем број пријатели и луѓе што ги интересира неконвенционалната музика.
Албумот е основа на мјузиклот „Одисеј и неговите жени“. Тој содржи осум песни што служат како основа на мјузиклот со наслов „Одисеј и неговите жени“. Оваа необична песнарка е брилијантна, заводлива и вешто потскокнува од трипхоп-елементи до светска музика, драменбејс, дабстеп, самба и сé преостанато.
Објавата веќе може да се купи на македонскиот пазар во сите продавници на „Литиум“. Освен како носач на звук, „Penelope X“ може да се купи и во дигитална форма од сите позначајни дигитални светски музички сервиси. Дигиталното издание на објавата ја носи етикетата на издавачката куќа „Филтер“.
Автор: Љубица Поповска