Александар Гиндин е еден од највпечатливите руски пијанисти на денешницата. Отскочницата за неговата брилијантна кариера стана успех на реномираниот конкурс „Чајковски“ во 1994 година – Гиндин е најмладиот лауреат во историјата на овој престижен натправар.
Успесите на натпреварите од ранг на „Кралицата Елизабета“ во Брисел, Кливлендскиот пијанистички натпревар во САД, „Санта Катарина“ во Бразил и други понатаму ги потврдуваа врвните квалитети на пијанистот. Како солист на Московската државна филхармонија Александар Гиндин одржува бројни концерти во Русија и низ свет. Пијанистот настапува во најпрестижните сали во светот: Лондонскиот „Барбикен“, „Кенеди-центарот“ во Њујорк, симфониските сали во Сан- Франциско, Бостон, Чикаго, филхармониските сали во Варшава и Санкт-Петербург, „Концертгебау“ во Амстердам, „Сантори“ и „Сумида Трифони“ во Токио, концертните и театарските подиуми во Рим, Париз, Прага, Тел-Авив…
Како солист Гиндин соработува со прочуените оркестри: Кливлендскиот, Парискиот, филхармониите од Лондон, Минхен, Санкт-Петербург, Москва, Монте-Карло, Луксембург, Лјеж, националните оркестри на различни земји. Меѓу неговите соработници-диригенти се имињата од ранг на Владимир Федосеев, Саулус Сондецкис, Дмитриј Китаенко, Пааво Јарви, Томас Зандерлинг, Кшиштоф Пендерецки и др. Александар Гиндин е постојан учесник на бројните музички фестивали и е уметнички директор на фестивалите во Москва и Перм (Русија), Минск (Белорусија) и Стокхолм (Шведска). Концертните програми на Гиндин секогаш се инвентивни и честопати вклучуваат ретко изведувани дела. Во таа смисла, забележителен е неговиот циклус концерти во салата „Светланов“ во Москва во 2006 година со делата за четирирачно пијано, дуо пијано – оргуљи, американската музика за две пијана вклучително препарирано пијано и др.
Пијанистот има издадено 15 компакт дискови со разновиден репертоар, вклучително оригиналните верзии на Концертите за пијано и оркестар бр.1 и 4 од Сергеј Рахманинов со Хелсиншката Филхармонија под диригентска палка на Владимир Ашкенази.