На 2 јуни (понеделник) во Сули Ан во 20.30 часот ќе се одржи првиот од неколкуте „Ансамбл маниа“ концерти со кои завршува учебната година, а воедно и концертната сезона на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Самиот назив „Ансамбл Маниа“ укажува дека овој пат љубителите на музиката ќе можат да ги проследат настапите на повеќе ансамбли на ФМУ: инструменталните состави во кои учествуваат студенти од сите катедри, како и Хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ – ансамбл кој веќе и е добро познат на музичката јавност.
Хорот „Драган Шуплевски“ одамна е значаен чинител на музичкиот живот во Скопје, а последните неколку години под раководство на проф. м-р Сашо Татарчевски постигнува значајни успеси на меѓународните натпревари, закитувајќи се со бројни награди. Токму во оваа година хорот освои уште две награди во Вроцлав (Полска), прво место и статуетка на „Св. Сесилија“ во категоријата за православна хорска музика и второ место во категоријата за големи хорски ансамбли. Сашо Татарчевски ќе биде диригент и на оваа програма која ја сочинуваат атрактивните дела од инструменталниот и хорскиот репертоар. Во изведба на инструменталните ансамбли ќе прозвучи познатото дело на Камиј Сен-Санс „Карневал на животните“ ценето како од професионалната, така и од најшироката публика од сите возрасти заради својата духовитост, впечатливост на ликовите и совршенството на композиторското остварување. Музичката изведба на ова дело ќе биде надополнета со специјалниот текст на рецитатор и видео илустрација. Хорот „Драган Шуплевски“ ќе ги претстави поретко изведуваните дела со духовна тематика „Аве верум корпус“ и „О магнум мистериум“ од Франсис Пуланк, а „Глорија“ од Џон Рутер ќе прозвучи за прв пат во Македонија.
– Во овој проект е постигната голема соработка меѓу студентите од различни катедри и класи во подготовката и реализацијата на програмата што е и една од целите на професионалната музичка едукација. Изведбата на „Карневал на животните“, која може да предизвика интерес кај најшироката публика, на хорските композиции „Аве верум корпус“ и „О магнум мистериум“ од Франсис Пуланк и премиерната изведба во Македонија на делото „Глорија“ од Џон Рутер, подготвени од Хорот „Драган Шуплевски“ кој е вистинска гордост на ФМУ, со неговиот диригент Сашо Татарчевски кој овој пат ја подготви целата оваа комплексна, сложена, но во исто време и атрактивна програма, претставуваат сериозен предизвик и одлична школа за нашите млади изведувачи – вели Деканот на ФМУ – Скопје проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска.