Вчеравечер, во Музејот на град Скопје, беше отворена изложба во чиишто рамки беше прогласен и добитникот на годинешнава награда “ДЕНЕС 2011” – „Годишна награда за млад ликовен уметник“ Илија Прокопиев, којшто наградата ја доби за делото СТУДИИ ЗА МНОГУ ГОЛЕМИ ЦРТЕЖИ.
Доделувањето на наградата е во организација на Центарот за современи уметности – Скопје, во партнерство со Музејот на град Скопје, а Прокопиев ја доби наградата во конкуренција со неколку mуметници меѓу кои се Eли Аиноска – Христовска, Благојче Наумоски – Бане и Филип Јовановски.
Ова е осмо по ред доделување на Награда за млад ликовен уметник ДЕНЕС од Македонија, а самата награда се состои од стипендија за студиски престој во ателје во Њујорк, САД, и ја обезбедува Фондацијата за цивилно општество од САД. Град Скопје и Министерство за култура на Република Македонија финансиски ја поддржаа организацијата и реализацијата на изложбата.
За годинешниов победник решаваше жири, а изборот се одвиваше врз база на веќе поднесени апликациии по предходен објавен повик на којшто може да се пријават млади уметници до 35 години, коишто имале остварено самостојна изложба во Македонија во текот на 2010 година.
По доставување на апликациите од уметниците и разгледување на истите, жирито во состав: Исмет Рамиќевиќ, уметник, Кристина Божурска, уметник и Лазо Плавевски, историчар на уметност, како финалисти коишто рамноправно учествуваа на годинешнава изложба ги селектираше следниве уметници: Eли Аиноска – Христовска, Илија Прокопиев, Благојче Наумоски – Бане и Филип Јовановски.
– Од минатогодишната изложба до денес, цртежите, не само што нараснаа во број туку вистински пораснаа во димензии. Таквата тенденција на растење, е поради мојот главен интерес насочен кон ликовните и визуелните можности на просторот. Идејата за просторот и просторноста, најшироко сфатени, се главниот метод преку којшто ги анализирам и интерпретирам секојдневните (и личните), историските и културните слики, појави и иновации. Темите и мотивите се слободни и асоцијативни. Причините за оваа просторна опсесија којашто ме води до најразлични експерименти, решенија и резултати, не можам да ги лоцирам, но апсолутно сум сигурен дека поради неа не се плашам кога ќе се заглавам во лифт, вели Прокопиев.
Илија Прокопиев, роден во Скопје, 1985 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, сликарскиот оддел во класата на Антони Мазневски, 2008 година. Досега, на публиката и се претставил со три самостојни изложби:
Културниот центар E-Werk, Фрајбург, Германија, Културниот центар ЦК и Отворено графичко студио, Скопје. Има учествувано и на повеќе групни изложби и проекти во земјава и во странство. Се појавува и како илустратор на книги, а како постдипломец на интердисциплинарните културолошки студии во Скопје, при Институтот за македонска литература, пишува и објавува текстови од областа на културата и ликовната уметност.
Досегашни добитници на оваа престижна награда во Република Македонија се: Славица Јанешлиева (2003), Група ОПА (2004), Далибор Тренчевски (2005), Атанас Ботев (2006), Борис Петровски (2007), Ана Ивановска (2008) и Ѓорѓе Јовановиќ (2009), Кристина Божурска (2010), Илија Прокопиев (2011).
Почнувајќи од 2003 година Центарот ја организира изложбата на финалните кандидати од коишто на еден автор му се доделува наградата што се состои од стипендија што ги покрива трошоците за пат и шест неделен престој во Меѓународната куќа, асоцирана со Универзитетот во Колумбија, Њујорк.
Стипендијата во целост ја покрива Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк. Наградата овозможува прикажување на креативноста на младите уметници и создава нови можности за натамошен професионален развој на добитниците на наградата и на финалистите.