Славење на франкофонијата на Широк Сокак

Франкофонскиот круг Скопје денеска и утре во Домот на културата во Битола, во чест на денот на Франкофонијата 20-ти март, организира викенд во градот под Пелистер насловен „Ја славиме франкофонијата на Широк Сокак“.

Македонија е членка на Меѓународната организација на франкофонијата од 2006 година која активно го поттикнува развивањето и ширењето на франкофонијата. Франкофонијата се залага за мир, демократија, почит и прифаќање на културната различност, права на граѓаните и правна држава преку употребата на францускиот јазик, истовремено почитувајќи ги другите јазици.

На настанот, ќе се обрне внимание на неопходноста на францускиот јазик како адут за активно влегување на младите во реалниот живот. Искуствата и вредностите на франкофонијата и францускиот јазик, на младите ќе им бидат пренесени од одговорните на франкофонските институции и организации во Македонија.

Учесници на настанот ќе бидат франкофони – студенти од сите универзитети во земјата, давајќи им можност меѓусебно да се запознаат и создадат меѓусебна мрежа.

Викендот во Битола се одржува под покровителство и поддршка на Францускиот културен центар, Француска амбасада, Швајцарска амбасада и Општина Битола.

Автор: Љубица Поповска

You May Also Like