Подари книга – подари богатство

Од 12 до 17 април ќе се одржи 23. Меѓународен саем на книгата: тој што подарува – подарува вредна работа, тој што го добива подарокот – добива нешто што останува, нешто што облагородува, а издавачката дејност опстојува.

Годинашното издание на Меѓународниот саем на книгата ќе се одржи од 12 до 17 април во Метрополис арената на Скопски саем. Оваа најмасовна културна манифестација во државава ќе се реализира под мотото „Подари книга, подари богатство“. Како што информираа организаторите, на 23 издание на Саемот за книгата, 4.000 квадратни метри ќе бидат исполнети со издавачи преку здружението на издавачи и книжари, здружението на албански издавачи, изданија на голем број домашни и странски автори преку издавачите и нивните застапници од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Албанија, Италија, Велика Британија, а во промотивниот центар во галеријата секојдневно ќе се одржуваат промоциите на новите изданија.

Покровител на саемот за книга е Министерството за култура на Македонија, кое ќе биде присутно со свој автентичен штанд, со кој нашата држава се промовираше и на Саемот на книгата во Франкфурт. Целокупната презентација на Министерството за култура најмногу ќе се осврне на одбележувањето на јубилејот – 50 години „Струшки вечери на поезијата“, како и презентирање на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. На штандот, по повод одбележувањето на јубилејот на најстариот поетски фестивал на светот, ќе бидат изложени портрети на сите добитници на наградата „Златен венец“, како и книгите од лауреатите. Воедно и некои ретки изданија од „Струшките вечери на поезијата“.

Претседателот на Здружението на издавачите и книжарите Горјан Лазаревски најави дека и годинава ќе доделуваат награди во пет категории: за најдобро издание меѓу два саема, за ликовно графичко обликување, за најдобра сликовница, ќе се избира најдобар книжар и ќе се доделува наградата „Јаков од Камена Река“ за најдобро отпечатено дело.

Поетското читање на песната „Т’га за југ“ ќе биде изведено на 15 светски јазици, а целокупната програма ќе биде проследена со емитување на филмско дело посветено на педесет годишнината на престижната струшка манифестација.

Претставниците од Скопски саем подвлекоа дека „оваа година го промовираат Саемот на книгата под мотото ’Подари книга, подари богатство‘, поддржувајќи ја токму книгата како најсоодветен подарок за сите пригоди: родендени, имендени, јубилеи, празници. Поттикнати од овогодинешното мото на саемската манифестација и враќање на традицијата за подарување книга посебно кај младата популација, Скопски саем преку познати личности од различни области: актери, пејачи, водители, новинари, луѓе од светот на модата, ќе дадат поддршка за акцијата. Токму овие личности ќе купат книга за да подарат богатство на своите најмили“.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе се случи на 11 април во 19 часот во деловната зграда на „Скопски саем“, а на отворањето ќе говорат министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и академик Матеја Матевски, годинашен лауреат на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“.

Автор: Љубица Поповска

You May Also Like