Како дел од проектот за уредување на просторот околу проширениот булевар Илинден, екипи на Градот Скопје во вторникот (19.07.2011 година) почнаа да го уриваат објектот на булеварот Илинден, што се наоѓа меѓу зградата на Зоолошката градина и последната барака на Град Скопје.
Станува збор за објект со површина од 153 квадратни метри, изграден на земјиште во сопственост на Република Македонија, во којшто живееја три семејства. Во согласност со спроведеното вештачење објектот е експроприран, Градот Скопје за двете семејства обезбеди станови, а едното семејство е парично обештетено.
Предлог-понудата за уредување на имотно-правните односи со имателите на објектот по основ на којашто е склучена спогодбата пред надлежен орган е одобрена и од Советот на Град Скопје.
На просторот пред Зоолошката градина, од десната страна, деновиве се во тек и градежните работи за изградба на паркиралиште за 93 возила. Новиот паркинг- простор е широк 18 метри, а долг 152 метри. На површина од 2 671 квадратен метар е направен ископ, просторот се тампонира и ќе се асфалтира. Во текот на градежните работи на паркиралиштето ќе се постави атмосферска канализација долга 180 метри (Ф 300) којашто ќе овозможи одведување на атмосферските води. Меѓу тротоарот на булеварот Илинден и паркиралиштето ќе се оформи зелен појас.
