Топол културен бран – четврток на Бит Фест (21 јули)

Денес (четврток, 21 јули 2011 година) гостува Охридскиот театар, со театарската претстава „Метаморфози“, претставата ќе биде изведена со почеток во 20:30 часот, во објектот на НУ Народен театар – Битола.

Митот е како единица мерка за времето на една цивилизација.  Митовите како архетипови се појавуваат низ историјата на човештвото и носат предупредувачки пораки за луѓето од иднината, за да не се повторат истите грешки кои ги направиле и нашите претходници.  Но, што ако боговите не се достојни на своите правила, на својата божественост, како да се победи досадата од бесмртноста?  Дали и боговите сакаат да станат луѓе колку што и ние сакаме да станеме богови?, вели режисерот Андреј Цветановски.

Претставата „Метаморфози“ е работена по „Метаморфози“ на Овидиј, а во адаптација на Дарко Јан Спасов.  Сценографијата е на Владимир Ѓорески – Рафик, а костимите на Кристина Мукоска Затуроска.

Во претставата играат Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ, Ивица Цонев, Никола Тодоровски, Билјана Билаловиќ, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ и Македонка Илиевска.  „Метаморфози“ премиерно беше изведена на 3 јуни во Охридскиот театар.

Во рамките на Битолското културно лето во четврток во истиот термин 20:30 часот ќе биде отворена изложбата „Битола низ 360 степени“.  Станува збор за изложба на Коктел Медиа Групација од Битола, граѓанска организација која на полето на културата во Македонија и Битола се појави во 2009-та година.

На изложбата која ќе биде отворена во битолската магаза ќе биде претставен проектот „Битола низ 360 степени“ кој е комбинација на изложба на фотографии со димензии 2 до 4 метри должина и 60см висина, снимени под агол од 360 степени, кои од нова точка на гледање го презентираат градот Битола.

Мултимедијалниот проект – видео презентацијата е начин на придонес кон промоцијата на градот во форма составена од видео, фотографија и музика. КМГ продолжува со своите активности со соработка со автори од Србија и Хрватска, работилници по професионална фотографија низ Балканот и голем број ликовни изложби.

Славчо Неделковски кој е основач, координатор на проекти во КМГ и нејзин извршен директор  работи на графички дизајн, протокол и организација на културни настани. Благој Мустриковски  е основач, раководител на сектор фотографија и мултимедија и претседател на КМГ, инженер  за информациски системи.

Во 11:00 часот во четврток во НУУБ „Св.Климент Охридски“ ќе биде отворена изложбата „Битолска периодика“.

You May Also Like