Презентација „Кој се плаши од големата, лоша криза?“

Во Галерија 7, на 5 април, 2011 година, во 20:00 часот, ќе се одржи проекција на кратки филмови произлезени од работилницата „Кој се плаши од големата, лоша криза?“.

Станува збор за колективна копродукција која е резултат од филмската работилница што се одржа од 30 март до 5 април во Скопје, во која зедоа учество уметници и филмски работници од неколку земји. Фацилитатори на работилницата беа уметниците од Израел, Ефи и Амир.

Работилницата во Скопје е дел од по обемен проект насловен „Кој се плаши од големата, лоша криза?“ којшто се состои од 3 работилници коишто се одржуваат во Скопје, Тирана и Атина. Тие имаат за цел да го посочат и обработуваат проблемот на ‘криза’ развивајќи 3 кратки филма. Темата ќе се разгледува од повеќе аспекти: економска, политичка, лична криза, итн.

Колективните филмски копродукции ќе бидат прикажани на јавни настани на крајот на секоја работилница, како и за време на второто издание на филмскиот фестивал “Balkans Beyond Borders” Film Festival, во Атина, во текот на јуни 2011 година.

Учесници на работилницата во Скопје се: Оријана Камбери, Илир Касо, Маша Дрндиќ, Дарко Илиев, Панче Пренџов, Ирина Николовска, Емир Ал-Кафаги, Николас К. Варверис, Александрос Визикидис, Бриндуса Јоана Настаса, Франческо Конте.

___________________________________________

Effi & Amir биографија:

Амир Борнштајн (Аmir Borenstein, роден 1969, Хаифа – Израел) и Ефи Вајс (Effi Weiss, роден 1971, Рамат-Ган, Израел). Започнуваат да работат и да живеат заедно во 1998 во Ерусалим. Високото образование го завршуваат во Ерусалим во 1999, на Bezazel Academy of Fine Arts, а потоа во 2002 го продолжуваат своето образование на Sandberg Instituut во Амстердам. Од 2001 активно се бават со експериментален филм и одржуваат филмски работилници насекаде низ светот.

Проектот е организиран и осмислен во партнерство на Line I+M од Скопје, Tirana Art Lab Centre for Contemporary Art од Тирана и Balkans Beyond Borders од Атина.

Скопската работилница е организирана во соработка со ACT Compressor. Проектот е финансиски поддржан од Европската културна фондација.

You May Also Like