Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, на општината Гази Баба, Тони Трајковски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, денеска (вторник, 05 јуни 2011 година) и официјално ја пуштија во употреба новата делница од ролерско-велосипедската патека по кејот на реката Вардар од левата страна, што води од фабриката „Комуна“ до мостот „Близнак“.
Овој потег е продолжение на ролерската патека од центарот на градот до фабриката „Комуна“ што Градот Скопје ја изгради минатото лето.
– Ролерско – велосипедската патека во делот од фабриката „Комуна“ до мостот „Близнак“ е долга 2.338 метри, а широка 4 (четири) метри. На и беа поставени рабници. Патеката е асфалтирана, означена е хоризонталната сигнализација и се поставени сообраќајни знаци. На изградба на овој дел од ролерско – велосипедската патека на кејот работеа екипите на фабриката „Карпош“ и на ЈП „Улици и патишта“. Градот Скопје за овој градежен зафат потроши околу 7 милиони денари.
Ролерско – велосипедската патека на левата страна од кејот на Вардар нуди можност за спортување и рекреација, како и непрекината велосипедска врска од Ќерамидница и Автокоманда до центарот на градот – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Тој најави дека наесен оваа делница ќе се осветли, а наредната година ќе се работи на изградба на пешачката патека на овој потег. Градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски, рече дека овој дел терен беше направен ископ, подлогатa конечно се урбанизира и најави дека за хигиената и јавниот ред на патеката ќе се грижат општинските инспектори.