Викендов на улиците во Прага (Чешка), се трча полумаратонот, на којшто учествува и нашиот најдобро пласиран македонски натпреварувач на минатогодишната полумаратонска трка, во рамките на Скопскиот маратон 2010, Кокан Ајановски.
Од оваа година, Организациониот одбор на Скопскиот маратон сака да им овозможи и на домашните натпреварувачи да се појават на некои од маратоните во Европа, па токму затоа,во изминатиов период оствари соработка со неколку одбори на маратони од Европа со цел промовирање на Скопскиот маратон надвор од нашите граници, како потенцијален спортско-туристички настан.
На 20 март 2011 година Организациониот одбор на Скопскиот маратон, во Рим (Италија), кадешто се одржуваше италијанскиот маратон, ја претстави оваа наша реномирана спортска Манифестација преку печатени флаери и постери, а деновиве ќе се промовира и на полумаратонот во Чешка, каде беа испратени 9000 флаери со понуда за Скопски маратон, кои беа инсертирани во стартните пакети на исто толку маратонци коишто ќе трчаат на Прашкиот полумаратон.
Во овогодинешниот Скопски маратон, се очекува освен македонци, во маратонот и полумаратонот, да учествуваат и некои атлетичари од маратоните со кои е остварена соработка како: Прага (Чешка), Рим (Италија), Истанбул (Турција), Торино (Италија), Загреб (Хрватска), Тел Авив (Израел), Раденци (Словенија).
Оваа соработка најмногу се должи на тоа што, годинава Скопскиот маратон влезе во листата на ИААФ како еден од маратоните во светот на којшто може да се исполни норма за учество на Светско Првенство во атлетика 2011 та во Даегу (Јужна Кореја) како и за Олимписките игри 2012 во Лондон.
На веб страницата www.skopskimaraton.com.mk, може да се пријавите за учество на некоја од трките (маратон, полумаратон и хуманитарна трка на 5000 метри), а доколку не трчате можете да се пријавите за да бидете еден од 300-те волонтери на Скопскиот маратон. On-line пријавувањето почна на 10-ти јануари 2011 г., а ќе трае се до денот на одржување на овој најголем спортски настан во нашиот град.
Годинава Скопскиот маратон ќе се одржи на 8 мај, во 9 часот, со старт на улицата „Димитрие Чуповски“, а целта е кај Плоштадот „Пела“. Покровители на Скопскиот маратон, традиционално се Град Скопје, Мисијата на Европската унија во Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт на Р.М.Организатори и реализатори на Скопскиот маратот се Сојузот на Спортови на Скопје, Атлетската федерација на Македонија и Атлетскиот клуб „Работнички“.
Скопскиот маратон е член на Асоцијацијата на интернационални маратони и трки на далечина како и на Европската атлетска асоцијација.
