Македонскиот олимписки комитет во соработка со Македонската коњичка федерација, по извршената комуникација со Меѓународната коњичка федерација (ФЕИ), обезбедил стручна едукација за Билјана Лазаревска, дипломиран тренер за коњички спортови.
Лазаревска зела учество на Меѓународниот семинар за обука на професионални тренери по коњички спортови, проект во целост финансиран од страна на МОК. Семинарот, кој се одржал во седиштето на Грчката Коњичка Федерација, во Атина (како домаќин), во организација на Меѓународната коњичка федерација, во траење од 5 дена и на него зеле учество 14 европски тренери кои активно тренираат и се занимаваат со обука на коњи и јавачи.
Тутор на Билјана Лазаревска бил турскиот тренер Сера Онкал. Соработката со Грчката коњичка федерација е на највисоко можно ниво. Според активноста и посветеноста за време на семинарот, на крајот се доделени дипломи за официјални меѓународни тренери по коњички спортови и за способност на обука на јавачи за натпревари и за подобрување на техниката на јавање.
Соработката со ФЕИ (Меѓународната коњичка федерација) продолжува и понатаму, со помош на МОК и на МКФ, пред се во насока на отварање на школа за јавање според стандардите на ФЕИ.