Привршуваат работите на спомен-куќата на Тодор Проески, која Министерството за култура ја гради во Крушево, во чест на нашиот прерано починат музички великан.
Интегрално ви го пренесуваме соопштението на Министерството за култура и неколку фотографии од новоизградениот објект.
Почитувајќи ги заложбите на нашата музичка икона Тоше Проески, кој со својата креативност и непосредност, низ целиот Балкан и пошироко, ја афирмираше културата на нашата држава и остави траен белег во севкупното културно живеење, Владата на Република Македонија и Министерството за култура инвестираа во изградбата на Спомен-куќа на овој уметник, која ќе биде искрен придонес и благодарност од сите граѓани на Република Македонија во негувањето на неговиот лик и дело.
Спомен-куќата ќе претставува материјализација на целиот животен пат на Тоше Проески и низ своите содржини ќе обезбеди хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера. Поставката на Спомен – куќата ќе биде збогатена со автентични експонати кои се сопственост на семејството Проески.
Министерството за култура со задоволство информира дека во согласност со планот и динамиката, како што ѝ ветивме на македонската јавност, во пресрет на 30-тиот роденден на Тоше Проески сите градежни работи на Спомен-куќата се комплетно завршени. Спомен-куќата ќе биде отворена за посетителите откако семејството на Тоше Проески ќе ги внесе во неа неговите лични предмети кои се дел од автентичната збирка на експонати.
Министерството за култура и во иднина ќе биде отворено за поддршка на проектите што се поврзани со негувањето на споменот за Тоше Проески бидејќи само на тој начин можеме да ја втемелиме бесмртноста на неговиот лик и дело.