Комисиите за драмска дејност и за визуелни уметности, архитектура и дизајн го завршиле преразгледувањето на одбиените апликации и остануваат на истиот став во однос на распределбата на буџетот за проекти.
Комисијата за музика и фолклор, пак, преразгледала околу сто апликации, меѓу кои и за четири фестивали за кои имало најмногу реакции.
Комисијата одлуката ја сменила само за фестивалот „Златно славејче“ признавајќи дека направиле пропуст, бидејќи фестивалот доставил комплетна документација.
Ставот за Скопски џез фестивал, ОФФ фест и Фолклорниот фестивал „Пеце Атанасовски“ останува непроменет затоа што, како што беше соопштено на денешниот прес, освен пријава тие не доставиле документација за план за активности, за учесници или за локација за нивните настани.
Од Министерот Адеми ќе чекаат одлука дали за овие фестивали ќе им биде даден дополнителен рок да ги достават потребните документи.