Културниот работник и доскорешен директор на НУ Центар за култура Битола, на својот профил на Фејсбук го напиша следното, во врска со резултатите од Годишната програма на Министерството за култура, но и нападите на одредени ликови кон сите нивни претходници:
- Гледам денес се разбуди одбранбената линија на министерот за култура, а и некои наводно принципиелни и уметници со интегритет, а не само “послушници”, да кажат кој има право и кој нема право да критикува во однос на одлуките по конкурсот на Министерството за култура. Ете јас имам неколку прашања за нив кои би сакал да ги поставам… Прво што би сакал да ги запрашам е, зошто во ниедно писание не наведуваат дека ова е веќе втор конкурс на Министерството за култура во последните две години кој е катастрофален во однос на распределбата на средствата (за ова доволен аргумент се сите реакции кои пристигнаа, од кои и 30 % да се аргументирани е доволно да се признае дебакл, заради незнаење или заради лоши намери, кој како сака нека си протолкува). Второ, би сакал да ми одговорат, како гледаат на децентрализација на културата како уметници со интегритет, дел веројатно и вклучени во изработката на националната стратегија за култура за периодот од 2018 до 2022 година. Ова бидејќи ако се погледнат доделените средства, за националните институции, здруженијата и локални институциите кои работат во Скопје и Тетово (веќе официјално втор главен град во Македонија) во сооднос со тие во внатрешноста, податоците се поразителни. Ова испраќа порака дека централната власт не планира да поддржува и помага работа на институции, независно дали се национални или локални и здруженија кои не доаѓаат од Скопје или Тетово, со што би згаснале или би изгубиле на значај бројни манифестации, од кои дел ќе ги набројам, Илинденски денови, Фестивал на Монодрама, Фестивал Стоби, Денови на комедијата Куманово, Фестивалот Ристо Шишков, Камерен Оркестар на Битола, Фестивал на музика од Светот, КУД Китка, Истибања, Дримкол, Вевчани, КУД Илинден, Битола, Балкански фестивал, Охрид, Детски фестивал Тралала, Битола итн… Добро знаеме колку и како функционира децентрализацијата на локална самоуправа посебно во поглед на поддршката на културата и уметноста, со акцент на помалите и помалку моќни општини… Дали е целта наместо децентрализација да имаме целосна централизација на културата? Трето прашање се однесува во однос на поделбата на т.н албански и македонски проекти, гледана во проценти…Нели кај културата и уметноста треба на прво место да биде квалитетот на самиот проект, за ова не се само параметрите битни, туку и лесно може да се утврди самиот квалитет на проектите после изведбата и реализацијата на истите… Зошто во овој поглед отсуствуваат реакциите, ниту сум албанофоб нити имам нешто против да се поддржат проекти во Тетово и Гостивар, но сакам да знам кога ќе се изведат, која програма ќе се изведе, колку публика ќе ги види и други битни параметри за оценка на еден проект. Искрено не можам да не сум скептичен за проекти на некое ново здружение од Тетово, поддржани со 3.500.000 денари (три и пол милиони денари) кои спаѓаат во музичко сценска дејност, кога до 4 пати помалку пари сум организирал концерти во кои главни ѕвезди биле Ришар Галијано, Раби Абу Калил, Тереза Салгуеро, Наташа Атлас итн… или пак да бидам скептичен за т.н македонски проект на сега формирано здружение Меденица поддржан со 900.000 денари со настап на уметник за кој никој не чул досега…Ова во контекст на тоа што го изјавува Висар Вишка, советник на Министерот дека е човечки да се греши и сега одлучувале луѓе, а претходно некој центар?! Четврто, кога сме кај интегритетот на некои критичари, сакам одговор дали е логично директорите на националните институции да немаат поим кои од клучните проекти им се одбиени или поддржани со минимални средства, па да мора да реагираат преку социјални мрежи и да бараат средби пост-фестум за исправање на пропустите…Нели ова говори за хаос и некоординираност? Петто, би сакал да го вратат на страната на министерството линкот со конкурсот и критериумите, кој не работи (нели транспарентноста е еден од адутите на оваа власт), бидејќи според мое сеќавање таму нема можност да се поддржат проекти на новоформирани здруженија со повисоки суми од 600 000 денари… За оние кои не знаат што и како сум работел на план на културата и уметноста…основач и продуцент на Акто фестивалот во периодот од 2006 до 2014 година, потпретседател на КУД Илинден Битола од 2006 до денес, директор на НУ Центар за култура Битола од 2010 до 2017 година…