Во чест на месецот ноември, или во контекст на месецот на подигнување на свеста за машкото здравје и глобалната кампања на пуштање на мустаќи кај мажите – Movember, Националната галерија ја организира изложбата насловена „Мустаќлии“ на дела од нејзината богата колекција која се отвора на 14 ноември (четврток), во Мултимедијалниот центар Мала станица, со почеток во 20 часот.
Oваа изложба е првото издание на проектот „Од поинаков дискурс“ кој има за цел да вклучи интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со ко-куратор од галеријата ќе работат на некоја тематика која ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија, со цел од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно богатство. За првото издание НГМ го покани д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач, кој ја предложи темата „Мустаќлии“.
„Кога точно пред еден век Марсел Дишан (во 1919 година) ù доцртал мустаќи на Мона Лиза, покрај субверзивната пресметка со традицијата, тој ни оставил визуелно потсетување колку навидум „малите” ликовни интервенции на лицето можат да го променат „личниот опис” (а со тоа и идентитетот) на насликаниот модел. Во детството ретко кој не им цртал или доцртувал мустаќи на ликовите од фотографиите од старите весници: само со неколку потези со моливот или пенкалото, само со повлекување неколку линии т.е. влакна, за миг излегува сосема нов лик! Таа миговна метаморфозани покажува дека мустаќите (грч. μύσταξ,) не се само „грст влакна над горната усна” или „коса на лицето”, како што неретко се дефинираат. Имено, мустаќите не се само украс на човековото лице. Тие се визуелен знак, симбол, па затоа воопшто не се за потценување кога зборуваме за нивното присуство (или отсуство) во портретната уметност од нејзините почетоци до денес…“ вели кураторот на проектот, виш кустос Ана Франговска.