„Историја на Чешка“ е објавена деновиве, во издание на „Македоника литера“ и на „Македонска реч“ од Скопје. Во неа е опфатена интегралната историја на Чешка: од праисторијата па до 2013 година.
Утре (вторник, 4 декември 2014), со почеток во 12 часот, во киносалата „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде промовирана „Историја на Чешка“ од Јан Рихлик, Владимир Пенчев и Новица Велјановски, кој е и преведувач на дел од книгата.
Во книгата презентирани се шеснаесет периоди од историјата на Чешка, а на крајот се објавени и неколку прилози: географски карти, хронологија на поважните настани, список на владетели и државници низ историјата, како и на претседатели на влади.
На промоцијата за книгата ќе зборуваат авторите.
Проф. д-р Јан Рихлик е редовен професор на Карловиот универзитет во Прага. Тој е историчар кој во својата библиографија има импозантни референтни податоци со објавувањето на национални истории и исклучителни искуство во нивното пишување. Главен автор е (со коавтор со Мирослав Коуба) и на Историја на Македонија (објавена и на македонски јазик во 2009 година, во издание на „Македонска реч“). Заедно со проф. д-р Новица Велјановски е приредувач на неколку тома со документи за македонско-чехословачките односи. Проф. д-р Новица Велјановски последните десетина години е често присутен во чешките архиви како истражувач и како повремен предавач на чешки универзитети. Проф. д-р Владимир Пенчев е бугарски историчар, реномиран бохемист и тој е коавтор на делот од Историјата на Чешка кој се однесува на нејзината култура.
Историјата на Чешка на македонски јазик е една од ретките вакви национални истории за други земји објавени во Македонија.