Симон Шемов и НГМ изложуваат во Нирнберг

Денеска (четврток, 7 јули 2011 година), во просториите на Културниот центар при компанијата АЕГ, во Нирнберг (Германија), ќе се отвори заедничка изложба на нашиот еминентен уметник, професор Симон Шемов и германскиот познат автор професор Ханс Херпих во организација на Националната галерија на Македонија и градот Нирнберг.

Изложбата на Симон Шемов, е всушност Селектирана ретроспектива, со други зборови германската публика ќе има можност да се запознае со кус пресек на едно од најглавните поглавја во развојниот пат на нашиот уметник Симон Шемов, т.е. неговиот ангажман во областа на рачно изработената хартија.

Симон Шемов, роден 1941 година во Кавадарци, дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Белград, 1964 година, а последипломски студии посетувал на Академијата за ликовни уметности Слејд при Лондонскиот универзитетски колеџ во Велика Британија, 1971-72 година. Со едукативна дејност, како професор по сликарство, цртање, акт, рачна изработка на хартија се занимава од 1970, најнапред на Архитектонскиот факултет во Скопје, а потоа и на Факултетот за ликовна уметност од неговото оснивање во 1981 година. Имал над 30 самостојни изложби, а учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство.

Со рачна изработка на хартија се занимава од 1986 година, преку неа остварувајќи една од своите животни филозофии, а тоа е пантеистичката тенденција и љубовта кон природата. На оваа своја творечка патека ја надоградува и изградува креативната димензија, импулс, потреба. “Тој е мудар номадски талкач по историските и стилски периоди и состојби на умот, користејќи ги придобивките на паганството, а секако не бегајќи од традиционалното и христијанството; протeжира пантеистички духовен дискурс: милувајќи го ведриот, детско-инфантилен принцип на визуелен (линеарен) изблик на идејата во комбинација со прочистената визуелна поетика на еден ерудит; користејќи ја симбологијата и фетишизмот како подиум за симплификација на вечни квалитетни прерогативи; се само резок на клучните параграфи –  еден вид мини наратив од прегледот на целокупното творештво на Симон Шемов, кое е голем наратив”. (Ана Франговска-Стојановска од предговорот на каталогот).

Реципроцитетната соработката на Националната галерија на Македонија со градот Нирнберг е подолга од 20 години и се одржува и негува постојано на задоволство на двете страни. Националната галерија на Македонија реализирала повеќе македонски претставувања во изминатите години меѓу кои и 10 Македонски ликовни уметници (1990); 7 млади македонски уметници (1994), Нове Франговски (2001) и други.

Изложбата ќе ја отворат заменик градоналникот на Нирнберг, г-дин Хорст Фортер и директорката на Националната галерија на Македонија, г-ѓа Маја Крстевска. Одговорен кустос за претставувањето на Симон Шемов е Ана Франговска-Стојановска. Изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2011 година.

You May Also Like