Во галериски простор на Центарот за култура Крива Паланка во следните десетина дена ќе биде поставена изложбата на фотограми- експериментални фотографии од авторот Стојанче Величковски.
Изложбата е дел од годишната програма на НУЦК Крива Паланка, поддржана од Министерството за култура, а беше отворена во рамки на програмата за одбележување на денот на ослободување на општината, 8 Октомври.
- Фотограмите се мои авторски експериментални дела, плод на десетгодишните истражувања во областа на експериментална фотографија, како техника во која фотографскиот апарат се претвора во своевидна „алатка“ за цртање при што се постигнува синергија на иновативноста, остроумноста и вештините на фотографот, одбраните светлосни маркери и можностите на фотоапаратот. Се започна случајно, фотографирајќи еден настан од областа на културата, со следење на неколку светлосни точки кои ги преточи во фотограм, поместен токму на плакатот за најава на изложбата и оттогаш ова е мое секојдневно уживање во творечката слобода на дигиталните фотоапарати, изјави за МИА Величковски.
Делата ќе бидат достапни за јавноста во следните десетина дена.