Денеска Скопје ќе се закити со новиот независен театар со сопствени простории, “Театра”. Вечерва со почеток во 20 : 30 ч. преку премиерата на претставата „Мизантроп“ по текст на Жан Баптист Молиер, на булевар Кочо Рацин 19А во Скопје, ќе се кренат завесите на новиот независен театар “Tеатра”.
Претставува независен театар што продуцира претстави преку иновативни уметнички форми. Театар што ја сервира вистината до сите луѓе, што комуницира со секаква публика, бега од стереотипите и досегашната слика на денешната култура. Што отвора простор за нови идеи и тенденции на театарската сцена.
Независност е вистинскиот збор што ги обединува стремежите, постоењето и членовите на “Tеатра”. Креативното јадро го сочинуваат: Марија Зафирова, продуцент; Билјана Радиноска, режисер; Наташа Петровиќ, актер; Ива Дујак, маркетинг менаџер; Горјан Милошевски, драматург; Магдалена Дилевска, графички дизајнер; Ивана Кнез, костимограф.
Приказната за Театра започнува од клупите и бифето на ФДУ, односно од спонтаната комуникација пмеѓу режисерот и продуцентот на “Театра”, комуникација заснована на идејата да се основа независна театарска продукција која ќе се застапува за една отворена сцена, отворена во секоја смисла.
Водени од заедничката мисија да се создаде театар што ќе ја крене свеста кај луѓето и ќе ја врати потребата да се оди во театар. Да се подобри квалитетот на театарскиот израз и да се постават нови критериуми за квалитет на театарските изведби, целата екипа на Таетра стигна до моментот вечерва да ни ја понуди својата прва театарска претстава.
Приказната за овој театар никогаш не завршува во физичките рамки, таа врзува нови драмски светови и истомисленици. Ова е сајтот http://theatra.org/, преку кој можете да се информирате за театарот, да резервирате карти за претставите и да најдете мапа за театарот.
Вашиот омилен сајт cOoLTuRa.mk во соработка со Театра е овде за вас навремено да ве информира за сите нови претстави. А вечерва се гледаме пред “Театра”.
Автор: Александра Овчарска