Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска, го најави почетокот на работата за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје на Плоштад Македонија. Проектот за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје ќе се реализира фазно.
-Денеска почнува првата фаза од реконструкцијата на фасадите на зградите во централното градско подрачје, поточно на Плоштадот Македонија. Во првата фаза ќе биде реконструирана фасадата на објектот на улица 11-ти Октомври поточно објектот над ресторанот „Пелистер“ и еден дел од фасадата на објектот на ул.Маршал Тито бр.22., поточно дел од бочната фасада на објектот кој е во продолжение со објектот на „Пелистер“, најави Градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот Трајановски додаде дека површината на фасадата што ќе се реконструира изнесува 1100 метри квадратни, а Град Скопје за реконструкцијата на фасадата на „Пелистер“, од Буџетот издвои 14.713.360 денaри. Реконструктивниот зафат ќе се изведува со поставување на челични столбови како носива конструкција, обложени со префабрикувани елементи, главната завршница од фасадата ќе биде од дробен травертински камен, а на места од бакар и ковано железо.
Автори на проектот за реконструкција на фасадата се Лазар Димов и Никола Стакинов, а работите според договорот треба да се завршат во рок од 90 работни денови.
Во тек е изработка на Идеен и Основен проект за фасадата на делот од објектот на ул.11-ти октомври бр.2 (потег од „Пелистер“ до објектот на Пелагонија) и објектот на улица Никола Вапцаров бр.2 (над кафетеријата Тренд) по изготвување на проектите ќе отпочне постапка за избор на изведувач.За зградата на Пелагонија, која преставува последна фаза од реконструкцијата на фасадите, во тек е распишан конкурс за избор на Идејно решение, кое ќе претставува основа за изработка на Основен проект.
Град Скопје, активностите за реконструкцијата на овие фасади ја почна уште во првото тримесечие на 2010 година кога беа распишани и спроведени конкурсите за избор на идејните решенија за реконструкција на фасадите во централното градско подрачје.