Манифестација во организација на Независни писатели на Македонија и редакцијата на списанието “Сараевски тетратки”од Сараево, во соработка со Националната галерија на Македонија.
Во рамките на проектот “Дваесет години потоа: што се случува во земјите во регионот откако војната заврши и сите сериозно се подготвуваат за влез во ЕУ”, поддржан од мрежната програма Исток – Исток: Преку гранични партнерства.
Манифестацијата ќе се одржи во просториите на објектот “Чифте амам” при Националната галерија на Македонија, во петок на 18 февруари, во 19 часот.
Проектот почнува да се реализира на почетокот на 2010 година, со серија тркалезни маси во Сараево, Белград, Нови Сад, Улцињ, Подгорица, Приштина, а се предвидува да заврши на 18 февруари во Скопје. Целта на оваа манифестација е да се зајакне нивото на културна и интелектуална размена меѓу земјите од регионот, да се поддржат независните, критички и слободоумни интелектуалци да отворат дијалог за низа клучни прашања од заеднички интерес со тоа давајќи им предност на принципите на соработка, добрососедство и создавање заеднички културни и книжевни вредности.
Ќе се одржат промоциите на најновиот двоброј, 29-30, на списанието “Сараевски тетратки”, веб сајтот, ЦД-то кое вклучува околу 25.000 објавени страници книжевни текстови на повеќе од 500 автори од сите земји од поранешната Југославија.
Гости на случувањето и учесници во дебатите и промоциите ќе бидат уредници и членови на бордот на списанието „Сараевски тетратки”, меѓу кои и: Војка Џикиќ-Смилјаниќ, извршна уредничка на списанието во Сараево и Сенад Мусабеговиќ, писател и уредник, писателите Синан Гуџевиќ и Даша Дрндиќ од Загреб и Ријека, како и Дубравка Црнојевиќ – Цариќ , театарска режисерка, артистка од Загреб, Басри Капричи, поет и универзитетски професор од Приштина, поетесата Мирјана Стефановиќ, Саша Илиќ, прозен писател и уредник на “„Бетон”, како и Саша Кириќ, писател и колумнист, сите од Белград.
Од македонските претставници, пак, ќе учествуваат проф. Д-р Елизабета Шелева, писателот Богомил Ѓузел, Роберт Алаѓозовски, менаџер во културата, колумнист и романсиер, Лилјана Дирјан, писателка и други.
_____________________________________________
Независни писатели на Македонија се формирани во 1994 година. Оттогаш развиваат силна интелектуална и книжевна дејност, при што приоритет на друштвото е објавувањето на списанието за литература и култура “Наше писмо”. Досега се издадени 69 броеви. Освен книжевно творештво на своите автори, на страниците на списанието редовно се објавуваат написи за актуелните општествени случувања и културни состојби. Посебен акцент во концептот на списанието е ставен на преводната литература, како клучен мост кон културната комуникација на нашата средина со регионалните и светските движења. Во 2004 и 2005 година успешно е реализирана книжевната работилница “Пишувајќи ја Македонија”, единствен културен настан од тој вид во земјава. Независните писатели имаат приредено посебни претставувања на македонската литература во неколку списанија од регионот: Арс (Црна Гора), Мостови (Србија), Апокалипса (Словенија). Независни Писатели се партнери во концептот и издавањето на регионалното списание “Сараевски свески”, чиј издавач е Медиа центарот од Сараево.
Сараевски тетратки, регионално списание за литература, култура и општествени прашања беше формирано од група истакнати писатели, книжевни критичари и преведувачи во Сараево во 2000 година. Целта беше најеминентните автори од регионот да се соберат на едно место и да се воспостават нови мостови на книжевна комуникација кои беа насилно прекинати со војните и осамостојувањето на земјите од бивша Југославија. Списанието е поддржано од низа светски и локални институции и фондации. Списанието ги промовира најновите книжевни и интелектуални дострели надвор од границите на матичните земји. Сараевски тетратки врши уште една важна функција, а тоа е да ги поврзе писателите кои се уште живеат во прогонство ширум светот, а кои пишуваат на своите матични јазици.