Поетеса Снежана Стојчевска е единствениот претставник од Македонија на 3-те Меѓународни книжевни средби во Бања Лука, што се во организација на Здружението на книжевници на Република Српска.
Свеченото отворање на манифестацијата беше синоќа, а на нив ќе настапат четиринаесет поети од повеќе земји во светот меѓу кои САД, Франција,Белорусија, Словачка, Полска, Словенија, Бугарија, Грција и др. Во рамките на Книжевните средби се одржува и саем на книга, на кој ќе биде промовирана и последната книга на Стојчевска „Треба да е лесно“ која излезе во печат во мај 2017 во издание на издавачката куќа Антолог.
Снежана Стојчевска е родена 1980 година во Скопје. Дипломира на Инситутот за Педагогија при Филозофскиот Факултет во Скопје. Веќе десет години работи во Квазар Филм како координатор на продукција. Во 2012 ја објавува првата поетска книга „Шеќер по подот“ во издание на ИЛИ ИЛИ, како дел од едицијата Русалки во која се јавува како уредник.
„Под нулата“ е нејзино второ дело, за кое ја добива наградата „Бели Мугри“ за 2013 година, што ја доделува Домот на културата Кочо Рацин Скопје. Во 2015 година ја објави третата поетска книга во издание на издавачката куќа Темплум. Нејзината најнова книга „Треба да е лесно“ излезе во мај 2017 година во издание на издавачката куќа Антолог.
Застапена е во повеќе антологии на млада македонска поезија, меѓу кои антологијата “Лирски додекамерон” приредена од проф. Владимир Мартиновски, која покрај македонско доживеа и српско издание. Во 2016 настапува на XV Меѓународна книжевна средба во Велење, Словенија, каде е објавена во антологија на словенечки јазик „Фестивал на антологија на изворна и преведена европска поезија на 21-от век“. Настапувала на повеќе поетски фестивали во земјава и странство.