Изложба „Македонски фолклор“ во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија (објект Мала станица) на 15-та март 2011 година (вторник) со почеток во 20.00 часот, ќе биде отворена изложба на уметницата Гордана Вренцоска so наслов “Македонски фолклор“.

На изложбата ќе бидат прикажани фотографии, објекти, слики и графики, создадени во процесот на истражување, „разоткривање“, и „прочистување“ на актуелната македонска фолклорна естетика.

Овој проект ги покренува прашањата за себеидентификацијата или „припадноста“ на одредено поднебје, етникум, нација, традиција, како клучни прашања што си го одредува секоја индивидуа независно, но во исто време ги разгледува и проблемите на вулгаризацијата и квази–негувањето на фолклорните традиции.

Во својот предговор за каталогот, кустосот Ана Франговска – Стојановска ќе рече: „Гордана Вренцоска со својот проект Македонски фолклор коментира, констатира и реагира. Нејзиниот ангажман што влегува и во доменот на ликовното и во доменот на дизајнот, мошне инвентивно испреплетувајќи ги за да создаде една визуелна сензација чија концепциска актуелност релевантно проникнува во суштината на зададениот дискурс, нуди емпириски, естетски напоени солуции за потврдување на себеидентификувачкиот именител како одбележје на една горда, но доволно самосвесна и самокритична индивидуа.“

Изложбата ќе ја отвори директорката на Националната галерија на Македонија г-ѓа Маја Крстевска, а истата ќе биде отворена за посетителите до 5 април 2011.

You May Also Like