„Азбука и залутани записи“ на Иван Шопов вечер во МКЦ

„Азбука и залутани записи“ на младиот Иван Шопов, победник на „Новите!“ 2010 издание на Темплум, на 15. 03. 2011 година (вторник), ќе Ви биде претставена во Младинскиот културен центар. Промоцијата ќе биде во Горно фоаје на кино „Фросина “ на МКЦ , почеток, 20:00 часот.

„Азбука и залутани записи“ е составена од повеќе од шеесетина, главно, куси – куси раскази. Станува збор за духовита, динамична и младешка проза, која својата енергија и привлечност ја црпи од неколку нивоа. Во книгата може да се прочитаат автореференцијални поигрувања, користење црн хумор, но и сериозен дијалог со одредени книжевни модели и жанрови.

Иако млад, Шопов се претставува како релативно зрел автор кој има низа релевантни познавања од историјата на книжевноста. Првиот циклус раскази е моделиран околу буквите во македонската азбука. Овој циклус можеме да го читаме како некој вид книжевна пародија на Букварот, некој вид бизарен анти-Буквар. Во таа насока може да се оправда флертот на авторот со инфантилноста и наивноста на одредени раскажувачки ситуации речиси секогаш доведени до крајност. Во расказите од овој циклус, бизарноста е клучниот носител на имагинацијата на Шопов – таа би можела да се опише како театрално нереална хармсовска пародија раскажана во манир на еден Роберт Родригез или Квентин Тарантино („Приказната Џ“, „Приказната Ц“).

Во ваквите раскази, комичниот, но и гротескен ефект се постигнува преку комбинацијата на претераноста и наивноста.

Во вториот дел доминираат раскази во кои релативно доследно се користи постапката на класичната книжевна фантастика, но со примеси на црниот надреализам. Најголем дел од расказите се динамични и духовити, реалноста е изгонета од текстот, а авторот често се доближува до надреалистичкиот вкус за убавото спојувајќи два или повеќе најчесто неспоиви елементи.

Иван Шопов е автор кој пред сè е вљубеник во приказната – тој верува дека самата приказна, со својата логика и логичен систем, е доволна за да го постигне спознајниот ефект

You May Also Like