„Ако никој не свири“во кино Фросина

МКЦ и Канал 103 во петок (08.04.2011 година), ќе Ви го претстават филмот „Ако никој не свири“. Филмот на репертоарот на кино Фросина ќе биде до 09.04. (сабота) 2011 година.

„Ако никој не свири“ (2010)

Режија: Ѓорѓи Јаневски
Сценарио: Ѓорѓи Јаневски
Улоги: Васко Атанасоски, Кристина Горовска, Џано Куч, Горан Аргировски, Кирчо Арсовски, Мирко Попов, Ненад Неделков, Сеад Хаџиќ.
Почеток:  20:00 часот

Документарниот филм „Ако никој не свири“ одблиску ги следи почетоците на скопската група „Бернајс пропаганда“ низ секојдневниот предизвик да се живее за музиката и е приказ на подземната историја на скопската рокенрол- сцена, на нејзиниот автентичен урбан сензибилитет и неисцрпна креативна енергија.

Во филмот учествуваат: Васко Атанасоски, Кристина Горовска, Џано Куч, Горан Аргировски, Кирчо Арсовски, Мирко Попов, Ненад Неделков, Сеад Хаџиќ.


Сценариото и режијата се на Ѓорѓи Јаневски, камерата е на Бранд Ферро, а монтажата на Благоја Неделковски.

„Ако никој не свири“ (2010) е независна продукција на Стотројка – здружение на граѓани за културна иницијатива во соработка со Петра Пан Филм, House 57 и 3X. Филмот беше финансиски поддржан од Македонскиот институт за медиуми и од Про Хелвеција – Швајцарска програма за култура.

Минатиот месец „Ако никој не свири“ ја освои наградата за најдобар филм во регионалната конкуренција на петтото издание на фестивалот на документарен рок-филм ДОРФ, кој се одржа во Риека и во Винковци.

Според мислењето на фестивалското жири во состав: Силвестер Колбас, Зоран Жмириќ и Тања Голиќ, „филмот го портретира Васко Атанасоски, лидер на бендот „Бернајс Пропаганда“ и неговата енергија, страст и љубов кон музиката. Во 55 минути филм е документиран универзалниот проблем на бендовите и поединците во настојувањето да допрат до публиката и да ја испратат својата порака наспроти игнорирањето на медиумите“.

Во наредниот период филмот ќе има свои проекции во повеќе градови низ Македонија.

You May Also Like